Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје вечер ќе се одржи промоција на стихозбирката „Огнен пој“ од поетот Перица Сарџоски од Тетово. Книгата ќе ја претстави Елена Пренџова, стиховите ќе ги читаат Андреј Ал-Асади и Горазд Китановски – Кени со музичка придружба на ВИС „Тркалезна маса“, а настанот ќе го модерира Јулијана Величковска. На промоцијата ќе бидат изложени и артефакти од „Најмал етно музеј“, село Џепчиште, тетовско.
– Поезијата на Сарџоски е трубадурска. Пее/опејува „стории“, настани, размисли. Има музички и тактирачки ритам и е певлива. Изобилува со рими и созвучија (внатрешни и надворешни, паралелни и вкрстени; а во „Огнен пој“ има и акростих изграден во внатрешноста на стиховите) и, иако формата на песните најчесто е слободна, Сарџоски умее да гради и строфи, најчесто во облик на строфите од македонската народна поезија. Стиховите се нанижени логички и структурно и се со должина на здив. Песните се или имажистички куси, или со должина на певливите песни од македонскиот фолклор, или долги како трубадурските што опејуваат настан/случка во придружба на музика. Звучноста на песните на Сарџоски е природна и ненасилена, па така, пеењето (или читањето) „се слева“ глатко… , ќе истакне Елена Пренџова.
Перица Сарџоски е роден во 1976 година во Тетово, Македонија. Дипломирал на Филолошкиот факултет (англиски јазик и книжевност) при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2001 година. Тој е поет, писател, преведувач и толкувач, истражувач, едукатор, иноватор на образовни програми, како и основач на училиштето за англиски јазик „Пегасус ЕЛС“. Во 2005 година ја има издадено поемата со наслов „Карпа жива“ во издание на „Современост“. Исто така има издадено роман патопис со наслов „Цветниот пат“ (2006). Перица Сарџоски е и книжевен преведувач. Себеси се гледа како поет – вљубеник во живата реч и исконската убавина на македонскиот јазик.