Во рамките на фестивалот се одржува прв пат и Саем на сликовници и книги за деца, на кој учествуваат: „Арс Ламина“, „Чудна шума“, „Бата прес“ и „Артконект“.
Саемот е отворен до 20 часот, а ќе трае и утре во текот на денот. 17 мај, Скопје: Творештвото на турскиот илустратор Мурат Калкаван ќе биде промовирано денеска на пладне на третиот ден на 6. Меѓународниот литературен фестивал „Литера“ во Младинскиот културен центар. Калкаван, илустратор и уметник, роден е во Истанбул во 1983 година.
По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот Мармара, тој се занимава со илустрација за проекти за рекламни агенции, брендови и издавачи на детски книги. Работел како уметнички директор за многу независни проекти за игри и произведувал визуелни слики кои го изразуваат неговиот стил. Калкаван го изразува својот свет нагласувајќи ги живописните бои и хумористичните елементи во неговите илустрации и го комбинира овој пристап со различни техники и уникатни карактери.
Продолжува да работи од неговото студио во Скопје. Калкаван во 18 часот ќе одржи и работилница за деца на возраст од 8 до 12 години со наслов „Моето замислено чудовиште“. Во 12 часот ќе биде промовирана и сликовницата „Здраво, јас сум Досада“ на авторката Гаје Оздамар и илустраторката Шејда Унал од Турција. Сликовницата е во издание на „Арс Либи“. Во 14 часот следува средба со македонски автори за деца, што ќе ја модерира Aлександра Тодоровиќ. Со своите читатели ќе се сретнат: Елизабета Баковска, Живко Грозданоски, Александра Симова и Денис Јанкуловски. Во 17 часот следува работилница за деца „Летаме заедно“ – како се изработува сликовница, работа во тимови.
Работилницата е наменета за деца од 9 до 13 години. Во 17.30 часот следува промоцијата на книгата „Бунтот на бројките“ од Јована Матевска Атанасова, а гостинка ќе биде илустраторката Љупка Стојкова. Во 18:30 часот следува работилница „10 минути пред спиење“ – Водич за родители како полесно да ги заспијат децата, што ја организира „Бата прес“, а во 19:30 часот – Цртаме тивка книга што ќе ја води Софија Семенпеева-Трајановска. Вчерашниот ден на фестивалот беше исполнет со богата програма, наменета за најмалите деца, до забавна програма за возрасни. Ученици од ОУ „Кирил и Методиј“ учествуваа на работилница посветена на Скопје, што ја водеше Александра Тодоровиќ, а се запознаа и со писателката Зејнеп Севде, која е гостинка на фестивалот. На темата „Големи приказни од мали земји“ „Литера“ организираше трибина на која разговараа: Никола Маџиров, Гоце Наумов, Живко Грозданоски и Јулијана Величковска. Илустраторката и писателка Гизем Ѓозде Учар одржа импресивна работилница со студенти и илустратори.
Во рамките на фестивалот се одржува прв пат и Саем на сликовници и книги за деца, на кој учествуваат: „Арс Ламина“, „Чудна шума“, „Бата прес“ и „Артконект“. Саемот е отворен до 20 часот, а ќе трае и утре во текот на денот. Фестивалот ќе биде затворен утре со доделување на наградите за најдобри изданија за деца. Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, потоа за реализација на истиот помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, Maarif International Schools, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.