Предавање на француско-романскиот автор Матеј Вишниек

matej-vishniek.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во среда, 20 март 2024 година, во 18:00 часот, во „Јуроп хаус“ ќе се одржи онлајн-предавањето на француско-романскиот автор Матеј Вишниек.


Матеј Вишниек е писател (драматург, новинар, поет и романописец) кој твори на француски јазик. Како и кај други уметници и интелектуалци кои се родени во Романија, но твореле во културата на дијаспората (како Константин Бранкуши, Емил Чоран, Мирча Елијаде, Ежен Јонеско, Норман Манеа, Херта Милер), уметничкото творештво и животот на Матеј Вишниек можат да се поделат на: a) годините на академското и културното оформување во Романија, родната земја со нејзините жители кои останаа негов главен извор на инспирација, независно од книжевниот жанр што го обработува, и б) зрелоста и меѓународниот успех стекнати во француската култура во која живее и го објавува најголемиот дел од своето дело.

Двата значајни аспекти од годините на неговото творење и оформување во романската културна средина се следниве: студира историја и филозофија на Универзитетот во Букурешт и е основач на Понеделничкиот кружок, координиран од професорот Николае Манолеску. Неговите пиеси објавени од 1987 до 1997 година, иако цензурирани, тајно си го наоѓаат патот до читателите заинтересирани за неговиот израз и стил. На 31-годишна возраст, кога пристигнува во Париз, Матеј Вишниек ѝ остава на романската култура веќе значајно дело: еден роман, бројни пиеси и неколку збирки поезија. Во 1987 година емигрира во Франција, во 1993 година станува француски државјанин, но продолжува да објавува паралелно на француски и на романски јазик. Живее во Париз и работи како новинар во Радио Франс Ентернасјонал. Во Франција, земјата во чија култура ќе се истакне, тој дебитира со збирката поезија „Мудрецот во времето за пиење чај“ која ја добива наградата за најдобра поетска книга во 1984 година. По декемвриската револуција од 1989 година, Матеј Вишниек станува најиграниот романски драмски писател кој твори на француски јазик во неговата родна земја, но и во уште триесет други земји.

Разликата меѓу реалноста и начинот на нејзиното претставување, меѓу зборовите и делата, светот како циркус и спектакл остануваат фундаментални теми на неговите пиеси кои одржуваат совршена рамнотежа меѓу апсурдот и комичното. Матеј Вишниек ги сака надреализмот, дадаизмот, театарот на апсурдот, комичното и гротескното, фантастичната книжевност, магичниот реализам на латиноамериканскиот роман, англосаксонскиот реалистичен театар, но го мрази социјалистичкиот реализам.

Оваа исклучителна вечер ни го овозможува задоволството директно да откриеме некои од суштинските идеи на творештвото на драмскиот писател и новинар Матеј Вишниек, како и можноста да го откриеме уметникот и да му поставиме, иако онлајн, неколку прашања.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK