Повеќе од 150 илустрации на илустраторите од Турција – Гизем Ѓозде Учар и Серхат Албамја, како и на македонската илустраторка Наташа Андонова од вечерва во 19 часот ќе бидат изложени во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Со оваа изложба што е мало патување низ турската современа илустрација за деца ќе биде отворено 6. Меѓународен фестивал за литература и илустрација „Литера 2024“ под мотото „Летаме заедно“. На пладне во холот на МКЦ ќе биде отворен и Саем на литература за деца на кој македонските издавачи ќе имаат можност да ги претстават своите најнови изданија. Освен тоа, ќе се организираат средби со автори и промотивни настани.
Секоја година „Литера“ отстапува простор и на најдобар можен начин се труди, преку претставување автори и илустратори од одредена земја, да ги доближи културите. Годинава Турција е земја на која го ставивме фокусот.
На свеченото отворање на фестивалот ќе се обрати турскиот амбасадор, Н.Е Фатих Улусој, а гостин ќе биде и Мухамед Челикаја, советник и заменик амбасадор на Турција. „Литера“ покажува дека со автентични проекти можеме уште подобро да ги поврземе културите на двете земји. По завршувањето на фестивалот, изложбата на илустрации ќе се премести во „Рамстор мол“ во центарот на Скопје. Тоа посебно не радува, зашто на тој начин нашата приказна за уметност и култура ќе продолжи и по завршувањето на фестивалот.
Гостите на шестата „Литера“ се врвни уметници во Турција и меѓународно.
Гизем Ѓозде Учар, авторка и илустраторка, има впечатлива кариера и влијателно присуство во светот на литературата за деца во Турција. Нејзините книги не само што забавуваат туку и ги образуваат малите умови, поттикнувајќи ги на креативност и размислување. Со долгогодишно искуство и многу книги во нејзиното портфолио, Гизем Ѓозде Учар претставува еден од најзначајните современи гласови во литературата за деца. Таа ќе одржи мастерклас на 16 мај во 10 часот наменет за илустратори и студенти.
Мурат Калкаван, илустратор и уметник, роден е во Истанбул во 1983 година. По дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот Мармара, тој се занимава со илустрација за проекти за рекламни агенции, брендови и издавачи на детски книги. Работел како уметнички директор за многу независни проекти за игри и произведувал визуелни слики кои го изразуваат неговиот стил. Калкаван го изразува својот свет нагласувајќи ги живописните бои и хумористичните елементи во неговите илустрации и го комбинира овој пристап со различни техники и уникатни карактери. Продолжува да работи од неговото студио во Скопје. Неговото творештво ќе биде промовирано на 17 мај во 12 часот.
За жал, од здравствени причини Серхат Албамја го откажа доаѓањето во Скопје, но неговите уметност ќе биде претставена пред македонската публика.
Гостинка на фестивалот ќе биде и турската писателка за деца Зејнеп Севде, со која публиката ќе може да се сретне на 16 мај во 12 часот.
Илустраторката Наташа Андонова ќе одржи ликовна работилница за деца „Летаме заедно“ на 18 мај во 10 часот.
Исто така, „Литера“ и годинава ќе го задржи својот концепт организирајќи трибина на тема „Големи приказни од мали земји“, на која ќе зборуваме како можеме нашите автентични приказни да ги направиме наши препознатливи приказни пред светот.
Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, потоа за реализација на истиот помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.