Отворање на 16. Филозофски филмски фестивал со дистопискиот филм „Друг крај“ од Пјеро Месина и концерт на „Галактик ефенди“


filozofski-festival-otvoranje-img_8638.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вечерва (четврток) е официјалното отворање на годинешното, шеснаесетто по ред, издание на Филозофскиот филски фестивал кое ќе се одвива во Младинскиот културен центар. Планирана е проекција на филмот „Друг крај“ (2024) од италијанскиот режисер Пјеро Месина, а потоа ќе се одржи концерт на „Галактик ефенди“.


Со почеток во 20:00 часот во Младинскиот културен центар, публиката ќе може да проследи еден од филмовите во Официјалната селекција на долгометражни филмови. Станува збор за дистопијата „Друг крај“ кој замислува иднина во која технологијата се обидува да ја колонизира и смртта. Прикажан во натпреварувачката програма на Берлиналето, филмот на Месина се издигнува над жанровските конвенции на научната фантастика, трансформирајќи се во тмурна филозофска елегија за смртноста, идентитетот и неможноста вистински да се избрише онтолошката граница помеѓу животот и ништавилото.

Во свечениот дел поздравни обраќања ќе имаат м-р Ѓорѓи Пулевски, програмски директор на Фестивалот и Н.Е. Паоло Палминтери, амбасадор на Република Италија во Скопје. Селекторот на ОСД, проф. м-р Кирил Трајчев ќе ја претстави годинешната селекција.

По проекцијата, за време на коктелот, во бифето на МКЦ, ќе ги слушнеме „Галактик ефенди“ во состав: Филип Букршлиев – гитара, Нинослав Спировски – тенор и сопран саксофон,, Дориан Јовановиќ – бас и Дарио Циевски – тапани. Нивниот звук можете да го сфатите како огнените пророштва на Albert Ayler со саксофонски виежи и гитари што мелат како стар индустриски погон.

Сите информации за Фестивалот, како и целосната програма, можете да ја најдете на pff.mk

(Билетите за сето време на одржување на Фестивалот се 200 денари по проекција.)

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK