Интересот во Грција за книгите на македонската авторка Румена Бужаровска, уште еднаш беше потврден, овој пат на грчкиот остров Крит, на вториот Фестивалот на книгата во Ханиа, каде што беше промовирана „Не одам никаде“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во исполнетата сала во театарот Микис Теодоракис, Бужаровска говореше за втората книга објавена на грчки јазик, а по Фестивалот вели дека и кај читачката публика на Крит постои голем интерес, што лично за неа било изненадување.
Исто како во Солун и во Атина, така и на грчкиот остров, првата книга преведена на грчки јазик „Мојот маж“ им е веќе позната на читателите.
Фестивалот на книгата во Ханиа во вторникот свечено го отвори претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, годинава се одржува по втор пат и учествуваат 100 автори од осум земји, а меѓу нив Бужаровска.
Минатиот месец македонската авторка учествуваше на Саемот на книгата во Солун, а во средата ѝ се претстави и на читачката публика во Атина.
По настанот во грчката метропола, во разговор со дописничката на МИА од Атина, Бужаровска истакна дека едно од најголемите нејзини задоволства е успехот на книгите во Грција, „бидејќи ги надминува сите националистички приказни и сите болки кои досега сме ги имале, се отвора една љубов, едно вистинско пријателство“, додавајќи дека гледам дека „постои една глад кон тоа да се дознае кој е северниот сосед“.
Со издавачката куќа „Гутенберг“, писателката има потпишан договор за издавање на вкупно три книги, така што по „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ очекува следната година на грчки јазик да биде објавена и „Осмица“ која е комбинација од нејзините први две дела.
„Мојот маж“ е една од најпреведуваните македонски книги објавен на 13 јазици, а преводот на грчки јазик е на професорката Александра Јоаниду, која ја продолжи соработката со Бужаровска и за втората книга.