Долгометражниот филм „Бизнисот на Задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски продолжува со успеси.
Филмот по петти пат е добитник на награда на филмските фестивали, која овојпат му беше доделена на директорот на фотографија, Фејми Даут, за најдобра камера на десеттото издание на „DEA OPEN AIR International Film Festival“ во Тирана.
Дополнително, „Бизнисот на Задоволството“ е селектиран на уште седум нови фестивали во Канада, САД, Африка, Боливија, Аргентина и Шпанија: Toronto Macedonian Film Festival (Канада 2023); Orlando Film Festival (САД 2023); Africa International Film Festival (Нигерија 2023); Cineworld Film Festival (САД 2023); Oruro Film Festival (Боливија 2023); Buenos Aires International Film Festival (Аргентина 2023) и Madrid Film Awards (Шпанија 2024).
„Бизнисот на задоволството“ викендов се напреварува и за награда во Италија на 27. издание на фестивалот „International Police Award Arts Festival- IPAAF“, каде има статус на финалист.
Филмот на Цветановски веќе доби три награди за најдобар долгометражен филм на фестивали во Бугарија, Перу и Панама, како и специјална награда во Романија. Овој месец беше селектиран и заврши како финалист на еден од трите најдобри фестивали за филмска музика во светот „International Sound & Film Music Festival – ISFMF“.
Политичкиот трилер ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ е снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Пред македонската публика премиерно беше прикажан на фестивалот „Синедејс“, а дополнително ќе биде објавен и датумот за дистрибуција во кино салите низ државата.