Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ и ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2023 година од областа на ликовната критика на Нада Пешева за проектот „Женското учество во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година“. Комисијата во состав: Елена Вељановска, Владимир Јанчевски и Тихомир Топузовски ја донесе одлуката за наградата заради важноста, актуелноста и акутноста на истражувачката проблематика.
– Прашањето за видливоста на жените авторки и реиспитување на позицијата на жената во светската уметничка сцена е дел од новите политики и тенденци и во современата светска ликовна критика и теорија, а прашањето за учеството на жената како авторка во совремната ликовна сцена е предмет на интерес и кај нас, особено во периодот по 1990-тите. Оттука, истражувањето се фокусира на женското учество во современата уметничка сцена, со посебен осврт на квалитетот и квантитетот на културните политки во стимулирање на учеството на жените во современата ликовната/визуелната уметност во Македонија во периодот на 1990-тите години, но и степенот на инклузивност на родови теми во рецентната уметничката продукција, информира „АИКА Македонија“.
Истражувањето се осврнува на референтни изложби и кураторски проекти кои застапуваат, поттикнуваат и промовираат еднаква презентација на жени авторки реализирани преку програмските активности на националните установи и независната културна сцена, но и вклучување дела од женски авторки во колекциите на установите, во објавените публикации и слично.
Нада Пешева (1976, Скопје) дипломирала на катедрата на Историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје (2000). Магистрирала на тема „Културна политика и менаџмент“ на Универзитетот на уметности во Белград (2013). Во моментот е докторанд на катедрата за Културолошки студии на Институт за македонска литература при УКИМ.
Како што соопшти „АИКА Македонија“, во потесен интерес на нејзината работа влегуваат ликовната теорија и критика, културниот менаџмент и политика, културниот туризам, културните индустрии и родовите прашања во културата. Учествувала на повеќе локални и меѓународни конференции, дебати и симпозиуми во земјава и странство и објавувила трудови во повеќе научни списанија и публикации. Вработена е во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Член е на Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“, а била и член на Управниот одбор на здружението.