Музејот на модерна уметност во Њујорк – МоМА ја објави својата престижна “Doc Fortnight£ 2024 програма, а еден од само тринаесет селектирани долгометражни филмови е и „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова.
МоМА ја претставува селекцијата како програма од најдобрите филмови реализирани минатата година кои ќе бидат прикажани за прв пат во Северна Америка, вклучувајќи и филмови кои ќе имаат свои светски премиери. Низ ова издание на фестивалот, кураторите на филм вклучуваат автори и авторки кои низ своите дела се соочуваат со историите на насилство и империјализам, разоткривајќи го нивниот одек во сегашноста преку креативна реанимација на историски и заборавени архиви.
„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова премиерно ќе биде прикажан во МоМА на 25 февруари, а после проекцијата следува и разговор со режисерката. Втора проекција филмот ќе има на 05 март. Ова е прв филм во македонска ко-продукција кој ќе биде прикажан во официјалната селекција за не-фикција на Музејот на модерна уметност во Њујорк.
„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова го освои срцето на Сараево за човекови права, наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најхрабар филм на Авторскиот филмски фестивал во Белград, специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Торино, како и специјалната награда “Очилата на Ганди” под покровителство на “Centro Studi Sereno Regis” на Филмскиот фестивал во Торино.
Дома филмот беше прикажан на специјална проекција во рамките на фестивалот „Прво па женско“.
Во следниот период следуваат премиери на филмот и на најзначајните национални фестивали во Грција, Шпанија, Чешка, Франција, Романија, како и фестивалски проекции надвор од Европа.
„Молкот на разумот“ е подржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска ко-продукција. Гостувањето на Кумјана Новакова во Њујорк е подржано од Музејот на модерна уметност во Њујорк – МоМА и Министерството за култура на Северна Македонија.