Министерството за култура тврди дека директорката на Филхармонија, Тина Иванова е разрешена поради низа законски повреди и неусогласености во работењето, што било утврдено од страна на увидот на Комисијата на Министерството.
„Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор“, велат од Министерството за култура.
Се додава дека скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела Филхармонијата, бидејќи низ овие активности, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, па разрешени се и тие.
За в.д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата.
Министерството за култура ги отфрла сите инсинуации на досегашната директорка на Филхармонија, Тина Иванова, како целосно произволни, неточни и најблаго речено, невистинити.
Иванова претохдно објави дека била разрешена оти застанала на страната на колективост за време на протестите поради вдомувањето на џез-оркестарот во истата зграда.