Костадиновска-Стојчевска- Маргарити: Ја продолжуваме соработката со Албанија во борбата против трговијата со артефакти

Костадиновска-Стојчевска-Маргарити-Ја-продолжуваме-соработката-со-Албанија-во-борбата-против.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Тирана оствари билатерална средба со министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, по повод првата успешна реституција и враќањето на незаконски изнесеното културно наследство од Северна Македонија кое беше пронајдено во Република Албанија.


На средбата се осврнаа на целата процедура и за успешноста на овој историски чин, кој, како што кажаа министерките на состанокот, е резултат на блиската и интензивна соработка меѓу двете држави.

„Успешната соработка е потврда за пријателството и довербата што ги негуваме како министерства за култура на Северна Македонија и на Албанија“, рече Костадиновска-Стојчевска, потенцирајќи ги добрата волја и посветеноста од двете страни за заштитата и промоцијата на заедничките културни обележја.

Костадиновска-Стојчевска и Маргарити ги разменија искуствата околу актуелните прашања и процеси во нивните ресори, а посебен акцент беше ставен на следните чекори во спроведувањето на заедничката агенда за заштита на Охридскиот Регион при спроведување на препораките од УНЕСКО.

„Ќе продолжиме со зацврстување на соработката меѓу нашите две земји во областа на културата, зачувувањето на наследството и бескомпромисната борба против нелегалното движење на нашето материјално културно богатство“, посочи на средбата Маргарити.

Министерката Костадиновска-Стојчевска порача дека во духот на добрососедските односи и на мултикултурализмот, како основа на нашите регионални политики, ќе се унапредува соработката, најавувајќи ја нејзината идеја и иницијатива за потпишување Меморандум за разменување стручен кадар, искуства и знаење меѓу уметниците и институциите помеѓу државите од Западен Балкан.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK