Во недела, 23 август со почеток во 18:30 часот, на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, концерт ќе одржи Драган Даутовски. Тој ќе биде пропратен со кратко предавање за оваа неолитска населба и нејзинината трансформација во антиката и средниот век.
Концертот е дел од традиционалните настани кои повеќе години се одржуваат на крајот од истражувањето на локалитетот Врбјанска Чука. На овој начин културното наследство повеќе се доближува до пошироката публика, но воедно на оваа неолитска населба ѝ се дава нов контекст претворајќи ја во интимен концертен амбиент. А за оваа пригода веројатно нема посоодветен музичар од Драган Даутовски, кој со своето маестрално музицирање на неолитската топчеста флејта, ќе нѐ пренесе во светот на предисторијата и на Врбјанска Чука ќе ѝ го вдахне животот што таму бил присутен пред 8 000 години.
Настанот е во организација на Центарот за истражување на предисторијата, Прилепскиот џез викенд и Завод и музеј – Прилеп, со што се финализираат овогодишните археолошки ископувања на локалитетот Врбјанска Чука.