Една од најзабележителните македонски театарски продукции во изминатиот период, претставата „Кокошка“ во режија на Теодора Силјаноска, вечерва, 19 ноември, во 20:00 часот на 51. издание на Млад отворен театар – МОТ.
Со три значајни меѓународни признанија, меѓу кои наградата за најдобра претстава на Интернационалниот театарски фестивал во Приштина и специјалната награда „Метална комета“ на престижниот фестивал „Kolyada Plays“ во Русија, „Кокошка“ се издвојува како едно од успешните остварувања на современата македонска театарска сцена.
Дополнително признание за продукцијата е наградата за најдобра актерка, која Биљана Драгиќевиќ-Пројковска ја освои за својата улога во претставата.Заснована на текстот на рускиот драматург Николај Кољада, „Кокошка“ отвора прашања за копнежот по слобода, љубов и остварување на соништата во свет кој станува сè постуден, порамнодушен и сè помалку подготвен за промена.
Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите се обидуваат да го совладаат сопствениот внатрешен хаос и да се справат со извитоперените вредности на општеството што ги опкружува. На сцената се судираат стравот и желбата за промена, рамнодушноста и немирот, затвореноста и потребата за слобода.
Во претставата играат Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева. Костимографијата е на Марија Папучевска, соработник за сценски движења е Дарко Велиќ, а изборот на сценографија и музика е на Теодора Силјаноска. Претставата е во продукција на Театар Комедија и независната театарска продукција Вортекс.
Билетите се достапни преку системот за билети на Театар Комедија на веб страната online.teatarkomedija.mk како и физички на билетарницата на институцијата.