На 27 септември 2023 во Софија ќе се одржи Европската ноќ на литературата, организирана од амбасадите и странските културни центри во Бугарија, во соработка со Европска комисија и Општина на главниот град Софија.
На настанот кој ќе се одвива во централниот дел во Софија ќе бидат претставени најново преведени книги на автори од различни европски земји, а секој културен центар или амбасада ќе промовира своја книга од избран автор. За оваа пригода КИЦ на РСМ во Софија, со помошта на актерот Игор Дамјанов, ќе ја претстави книгата „Вештица“ од Венко Андоновски во Централното фоаје на Националниот студентски дом во Софија.
Настанот има за цел да ја популаризира добрата европска литература преку литературни читања на различни и неоддалечени места, во таканаречените „читателски гнезда“, во кои познати личности читаат еден ист дел од книга на секои 30 минути – од 18:00 до 21:30 часот. Публиката има можност да ги менува местата каде се читаат делови од различна литература и да се запознае со современото творештво на различни европски автори.