Јубилејно 20-то доделување на наградата за млади уметници ДЕНЕС

Јубилејно-20-то-доделување-на-наградата-за-млади-уметници-ДЕНЕС.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со изложба на тројцата годинешни добитници на наградата ДЕНЕС, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли, на 14 септември во Националната галерија– Чифте амам ќе се заокружи одбележувањето на јубилејот 20 години од првото доделување на оваа награда за млад визуелен/а уметник/чка до 35 години.


Наградата ДЕНЕС е платформа од единствен вид во земјава, која што во текот две децении континуирано им нуди на младите уметници програма за престој на уметници во Њујорк, уникатно искуство во специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална жири-комисија и продукција на нови дела во рамките на изложба за наградата.

Таа е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година. Намерата на наградата ДЕНЕС е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамки на фестивалот АКТО.

Иницијалниот и суштински интерес за формирање на оваа награда е да се прикаже креативноста на младите уметници кон поширок круг на публика, создавање на нови можности за уметниците кои учествуваат, со вклучувањето на ликовните институции и професионалци во отворен и непристрасен годишен процес на размислување и одлучување за наградата, што би требало да резултира со нови модели на оперирање во културниот и институционалниот живот. Наградата ДЕНЕС е релевантен показател на развојот на уметничкиот контекст на младата уметничка креативна сила.

Одбележувањето на 20-годишнината на наградата ДЕНЕС започна во април годинава со петдневна едукативно-дискурзивна програма за млади уметници „Совршениот уметник“ во НГРСМ – Мала станица, каде што млади уметници се стекнаа сo практично-теориски вештини во современата уметност и критички увид во својата практика, но и во локалниот контекст виден од интернационална перспектива. Потоа продолжи со изложбата „Прекаријатот има шанса: јавни простори во движење (кон)“ во Галеријата „Структура“ во Софија, каде што 20 уметници од земјава, дел од нив добитници, учесници или финалисти на наградата ДЕНЕС, ја претставија својата рецентна практика пред софиската публика.

Одбележувањето кулминира со изложба на тројцата добитници на наградата ДЕНЕС; документарна изложба за наградата ДЕНЕС и церемонија по повод јубилејот придружена со музичка и дискурзивна програма.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK