Јасмин Брашњиќ: Бидете горди на богатството на македонската традиција која има непроценливо културно и цивилизациско значење

brashnjic_34534543
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Македонските традиционални народни песни имаат посебна, суптилна, голема фраза која остава доволно простор за вокална интерпретација, ги  красат мелодиска раскошност, богатство на ритамот. Бидете горди на богатството на македонската традиција која има непроценливо културно и цивилизациско значење не само за Северна Македонија, туку и за целото човештво, вели во разговор за МИА професорот Јасмин Брашњиќ од БиХ кој го „откри“ и развива вонсерискиот музички талент на младиот Ајдин Османовиќ за кој се говори низ целиот Балкан и пошироко.







Посветениот професор и ментор што ги подучува и музички едуцира учениците од Основното музичко училиште во Сребреник, Босна и Херцеговина, Брашњиќ, од неодамна со објавувањето на повеќе видеа со интерпретации на традиционални македонски песни на еден од исклучително талентираните ученици, Ајдин Османовиќ, веќе е многу популарен, заедно со „бисерното грло“ Ајдин, на социјалните мрежи, со коментари, пофалби, реакции, буквално од сите страни на светот.

Малиот Ајдин ќе биде гостин во Крива Паланка на 23 и 24 мај, каде што заедно со неговиот ментор ќе одржат два концерти, а воедно тоа ќе биде и негов прв настап надвор од БиХ.

Професоре, талентирани ученици има многу, верувам, но важно е да бидат препознаени и да се работи со нив на развој и надградба на талентот. Колку време работите во основното музичко училиште во Сребреник, колку ученици досега минале низ вашата класа и како и кога го „откривте“ младиот Ајдин, босанското „бисерно грло“?

-Некако судбински имам прилика да ги среќавам младите луѓе и да ги воведувам во основите на музиката благодарение на мојата работа во основното музичко училиште во Сребреник, кадешто сум ангажиран веќе 16 години, уште од 2007 година. Бројот на ученици што досега минале низ мојата школа и класа, не би можел да ги избројам, бидејќи, буквално целиот свој живот го посветив на музиката и работа со млади кои во најголем процент ги среќавам низ образовниот систем, но и преку разни здруженија од областа на културата што се занимаваат со зачувување на традиционални народни песни. Едно такво здружение во нашиот град е Ансамбл „Зефир“. „Бисерното грло“ Ајдин го открив на една училишна пиредба, во второ-трето одделение во основното училиште кадешто работам ЈУОУ “Длабок поток”, прекрасна школа и колектив за респект. Уште оттогаш забележав дека Ајдин во себе поседува несекојдневно чувство за музикалност и со својата наставничка Сенија Џаниќ квалитетно ги надминуваше предизвиците со малите тријади. Го следев будно оттогаш до петто одделение и нашата бисерна приказна почна во негово шесто одделение.

Лесно ли е да се препознае еден ваков извонредно талентиран „славеј“? Колку време Османовиќ пее, изучува музика?

-Талентираните ученици секогаш наоѓаат начин да блеснат и да бидат препознаени , всушност, лесно е да се препознае талентот, но она што е најважно е да се направи, да се има детален план за развој на нивниот талент. Во спротивно, без план и без работа и надградба, останува тоа дека само биле таленти… Првите контакти со музиката Ајдин ги има во неговиот дом, подоцна детското пеење трае околу пет години, a професионалната музичка едукација,  во изминатата една година.

Она што ја плени публиката која ги следи вашите профили и објави на социјалните мрежи, се неколкуте бравурозни интерпретации на традиционални македонски песни што не се воопшто лесни за изведба. Што беше пресудно за изборот токму на тие песни?

-Благодарност до јавноста и публиката што ја следи нашата работа и среќен сум што ја препознаа нашата искреност, чистата емоција во нашиот начин на изведба. Што се однесува до традиционалната македонска музика, сигурно има сличности со нашата, босанска. Македонските традиционални народни песни , по мое скромно мислење, имаат посебна, суптилна, дури и голема фраза која остава доволно простор за вокална интерпретација во која Ајдин одлично се вклопува и снаоѓа. Македонските традиционални песни ги краси мелодиска раскошност, богатство на ритамот, додека нашата традиционална песна – севдалинка, во музичка и книжевна смисла, со сигурност е на самиот врв на светското културно наследство. Нашето “бисерно грло” едноставно ги чувствува традиционалните звуци на сончевата Македонија и на босанските севдалинки. Чувството, тоа интерно емоционално, што го носиме во себе, е она што не води секогаш, од самиот почеток.

Не можеме, а да не ја забележиме и одличната изведба на нашиот, македонски јазик, па оттука, природно е прашањето дали Ајдин посетуваше часови по македонски јазик или дали некој го подучуваше?

-Колку и да звучи неверојатно, не, Ајдин нема посетувано никакви часови по македонски јазик. Неговиот прв контакт со вашиот јазик беше пред само три месеци, кога ја подготвувавме „Јано мори“. За време на обработката на сите песни што ги снимивме водевме сметка интерпретацијата да биде автентична со оригиналот. Потребно беше да се одвои повеќе време за слушање, а од голема помош му беа вежбите за визуелизација на текстот со кои тој го совлада македонскиот јазик. Искрено, најмногу се плашев токму во тој дел да не згрешам и среќен сум ако грешките се сведени на минимум. Доколку ги има, нека ни простат сите Македонци.

Токму тие изведби беа повод да бидете поканети на прв настап надвор од БиХ на 11- годишниот Ајдин, што ќе се случи во Крива Паланка, по повод Денот на св.Јоаким Крчовски, 23 Мај, на свечена академија, а веќе е договорен и втор настап, на 24 Мај, поради огромниот интерес од јавноста. Како дојде до соработка со Општина Крива Паланка и што подготвувате за македонската публика?

Да, во Крива Паланка ќе одржиме два концерти, 23 и 24 мај, а јас верувам дека се е судбина. Без ни малку размислување се одзвавме на поканата на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, да ја увеличиме нивната свеченост, а поради преголемиот интерес од публиката, во знак на благодарност до македонскиот народ, одлучивме да одржиме и втор концерт. За двете вечери Ајдин подготви настапи обоени со македонски мелос, ама сепак, нека остане и малку изненадување.

Поддршка и позитивни критики добивате од огромен број верни обожаватели на Османовиќ, ширум светот. Велите дека идејата Ви е Ајдин да биде еден од највпечатливите вокали и најквалитетните во регионот. Каква поддршка имате во тоа од вашата општина,од државата и има ли системски мерки и програми за поддршка на ваквите таленти?

-Верувам во Ајдин, знам дека ваков талент се раѓа еднаш во сто години. Верувам дека Ајдин со помош од Бога и големиот број обожаватели ќе биде регионална ѕвезда, иако звучи субјективно. Кога е во прашање системска поддршка на ваквите талентирани млади луѓе, за жал, ниту во нашата општина, ниту во државата не постојат никакви програми. Но без оглед на таквата состојба, ние не запираме, продолжуваме да работиме кон остварување на зацртаните цели. Сакаме да шириме позитивна енергија, позитивни приказни. Шириме љубов.

Во една објава ќе кажете „Ајдин е нашиот бравар кој полека ви ги отклучува срцата“. Вие пак, сте тој што го отклучува неговиот потенцијал и му ги отвора вратите кон светот. Која е вашата порака до колегите, професори, наставници, просветни работници во пресрет на Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј?

-На сите мои колеги и колешки, професори, учители, негуватели, тренери, сите што учат и подучуваат деца, од сѐ срце посакувам честит празник Св.Јоаким Крчовски и Ден на просветителите, 24 Мај, со желба и сите наредни години да ги дочекаат во добро здравје. Бидете горди на богатството на македонската традиција која има непроценливо културно и цивилизациско значење не само за Северна Македонија, туку и за целото човештво.

Ирена Белешковска

Фото: Приватна архива

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK