Историчарот на уметност, куратор и новинар од Скопје, Jане Теохаревски, гостуваше во програмата на Градот на европската култура за 2023 година – Темишвар, со неговиот проект „Без омраза и без граници“.
Како што информираат од Амбасадата на Северна Македонија во Романија, станува збор за мошне оригинален проект, еден вид акционизам, којшто минатата недела, односно последната недела од мај, беше изведен во форма на улична поезија и базиран врз стиховите на романскиот поет Александру Мачедонски, татко на романскиот симболизам.
-Теохаревски ги интерпретираше стиховите од неговите песни `Омраза` и `Рондел за мене` на повеќе европски јазици и ефектно ја постигна целта на неговиот проект, апсурдноста и ништожноста на омразата. Со овој успешен проект, Јане Теохаревски одлично се вклопи во слоганот на ТМ2023, ‘Осветли го градот преку тебе’, наведуваат од нашата Амбасада во Романија.