Изложба „Подемот и падот на Скопје“: Пораката од земјотресот е дека најважно е да бидеме солидарни и сочувствителни кон сограѓаните

izlozba
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Скопје по 26 јули 1963 година почнува да создава можности за раскажување на поинакви урбани приказни на модерноста. Светот ни одговори „Не сте сами, повторно ќе ве изградиме“. Скопје виде многу херои, многу пријателство и љубов. Поуката од трагичноста на земјотресот е дека најважно е да бидеме солидарни и сочувствителни кон нашите соседи и сограѓани. Ова беа дел од пораките кои беа пренесени денеска на отворањето на дигиталната изложба на Државниот архив „Подемот и падот на Скопје“ во Музејот на современата уметност (МСУ).

Изложбата беше организирана од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Скопје во пет и седумнаесет – 60 години земјотрес“.


Според министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Скопје по падот, го започна својот подем. Таа за време на отворањето на изложбата потсети дека на Скопје му подадоа рака врвни архитекти и градители со светско реноме. Како што рече, Скопје го градеа, рамо до рамо и домаќините и странците, кои во таа трагедија ни станаа пријатели засекогаш.

-Во пет и седумнаесет, пред шеесет години, за светот се урна Скопје. На скопјани им се урна светот. Скопје беше во пепел, во урнатини. Ја допре Скопје смртта но никогаш не призна пораз. Благодарение на неговите граѓани, благодарение на храбрите луѓе и на своите пријатели, благодарение на добрината, хуманоста и солидарноста на човештото. Светот ни одговори „Не сте сами, повторно ќе ве изградиме.“ И посведочи Скопје во тие болни мигови на таа исклучителна човчека доблест, вредност која на светот му е се повеќе потребна, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа информираше дека Скопје загуби 1.070 свои жители и речиси 80 проценти од домовите и инфраструктурата на градот.

-Скопје ова го прифати како нов почеток. На повикот на Обединетите нации се одзваа многубројни држави да и помогнат и да го потврдат својот пријателство. И денес сме им благодарни. Никој не може и не треба да биде сам. Скопје виде многу херои, многу пријателство и љубов, рече министерката за култура.

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање за време на отворање на изложбата порача оти посакува меморијалот за 60-годишнината од земјотресот да го посветат токму на значењето на човечноста и на волјата на луѓето, да ги премостуваат сите искушенија и да имаат капацитет и повредени да ги прескокнуваат замките и оградите на патот.

-Секој човек и секоја заедница најдлабоко и најдолго ги паметат болката и загубата. Но, истовремено тоа се и појдовните точки за нашата трансформација во некој нов конструктивен наратив, кој ќе помогне за редефинирање на животните приоритети. Ние имаме токму таква точка во нашата историја, земјотресот во 1963 година. Тоа е место на огромна, човечка интимна загуба и на колективна траума, место на девастација и смрт, но воедно и место на промислување и соочување со важноста и суштината на животот, рече Пендаровски.

Како што посочи, тој миг на умирање набргу станува и миг на раѓање, на сознанието дека градот и заедницата треба да се обновуваат и градат преку солидарноста, емпатијата, здруженоста во надминувањето на рушевините на животот.

-Земјотресот во 63-тата ги преобликуваше економските, политичките и културните структури и останатите градски форми инхерентни на едно урбано живеење. Кога една елементарна непогода го прекинува текот на животот велиме дека се случило насилство. Сепак, ако со крајни напори се обидеме да погледнеме зад хоризонтот на страдањето, можеме да пронајдеме неколку пунктови на нови почетоци и на нова надеж, додаде Пендаровски.

Како што рече, Скопје по 26 јули 1963 година почнува да создава можности за раскажување на поинакви урбани приказни на модерноста.

Според претседателот, една поука од трагичноста на земјотресот е дека најважно од се е да бидеме солидарни и сочувствителни кон нашите соседи и сограѓани, а истовремено отворени кон новата урбаност и новите идеи за да креираме амбиент за живеење во кој ќе бидеме слободни и почитувани.

Амбасадорот на Полска, Кшиштов Гжелчик посочи дека сеќавањето на трагичниот земјотрес од пред 60 години се уште е живо меѓу Македонците.

-Вреди да се потсетиме дека Обединетите нации создадоа посебна програма за повторна изградба на Скопје, со која што раководеше полскиот архитект. Архитектите и урбанистичките планери како Станислав Јанковски и Кензо Танге ги обликуваа и ги поставија наоските за развој на Скопје во следните декади. Некои држави самоиницијативно се вклучија во изградбата на привремени домови, обезбедувајќи хуманитарна помош и во следните години градејќи болници, училишта и други јавни објекти. Добар пример е и МСУ што е подарок од Полски архитект но исто така голем дел од колекцијата е колкетиран од уметници од многу земји, рече Гжелчик.

Тој денеска за време на отворањето на изложбата порача дека ова не е почитување само на македонското-полска соработка, туку е став на целата меѓународна заедница во лицето на трагедија која го погаѓа едниот од членовите на заедницата. Ова е, како што рече, човечката димензија на солидарноста.

-И денес, соочувајќи се со други предизвици ве увруваме во нашата солидарност со македонскиот народ, додаде Гжелчик.

По обраќањата, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска  им додели благодарници на амбасадорите од земјите донатори по катастрофалниот земјотрес.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK