Еден од највпечатливите музички проекти на Оркестар DIVA, „Flowers Symphony“, и ова лето ќе ѝ донесе на публиката уникатно музичко доживување исполнето со италијански канцони, оперски арии и незаборавни филмски теми.
Концертот ќе се одржи на 17 август, со почеток во 21:00 часот, во Пациото на НУ Завод и Музеј – Битола, а веќе следниот ден, на 18 август, во истиот термин, проектот ќе биде изведен и во Долни Сарај – Охрид.
Годинашното издание носи освежена и проширена програма, која ја спојува силата на симфонискиот звук со емоцијата на оперската музика, романтиката на италијанските канцони и впечатливоста на најпознатите филмски композиции. Публиката ќе има можност да слушне музика од големите филмски композитори како Енио Мориконе, Џон Вилијамс и Ханс Цимер, како и избор од познати оперски арии и италијански песни.
На сцената ќе настапат оперските солистки Јаворка Витанова, Виолета Арсовска и Зана Абази-Рамадани, заедно со хорот „Гортинија“ од Гевгелија, под водство на Илија Атанасов.
Специјални гости на концертот ќе бидат Наде Талевска и Билјана Талевска, а целокупната програма ќе биде изведена од Оркестар DIVA (Битолски Камерен Оркестар) под диригентската палка на Владимир Димовски.
Со повеќе од 100 учесници на сцената, „Flowers Symphony“ претставува музичко-сценски проект кој обединува различни генерации уметници, музички жанрови и силни вокални интерпретации во една внимателно осмислена концертна целина.
По успешната премиера минатата година, проектот ова лето се враќа со нова програма и две концертни вечери, во амбиенти кои дополнително ќе ја нагласат неговата романтична и свечена атмосфера.
Концертот во Битола ќе се одржи со седење, а бројот на места е ограничен поради капацитетот на Пациото на НУ Завод и Музеј.
Билетите се во продажба онлајн на yournextevent.info, како и во Тобако Димпо и кај Аздер.
„Flowers Symphony“ е покана за вечер исполнета со музика, емоција и безвременски мелодии, во изведба на врвни солисти, хор и оркестар.