Филозофски филмски фестивал од 2 до 9 јуни во Кинотека

festival
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од 2 до 9 јуни оваа година во Кинотеката на Северна Македонија ќе се одржи Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ), кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност. Во рамките на ова фестивалско издание, предвидено е да бидат прикажани околу 40 филмови и 50 настани. Исто така, на 25 и 26 мај ќе се одржи Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“, каде ќе има 18 гости и 24 учесници.







Мотото на годинешното издание на фестивалот гласи „Сè е филм, во множина“, и е инспирирано од големиот филмски великан од Францускиот нов бран Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого Фестивалот подготвува специјален интерпрограмски фокус.

Како што е најавено, ексклузивни гости ќе бидат режисерите Кшиштоф Зануси и Иво Трајков.

Директорката на фестивалот Ана Дишлиеска Митова на денешната прес конференција рече дека ова фестивалско издание ќе понуди богата филмска програма на современи филмски остварувања.

Филозофски филмски фестивалФОТО/ Филозофски филмски фестивал
На фестивалското отворање ќе му претходи музички перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа, емисари на Новиот македонски бран на џез музика. По нивниот перформанс премиерно ќе биде прикажан филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков кој ќе биде специјален гостин и по проекцијата ќе се одржи Q&A сесија.

Освен Трајков, на фестивалот ќе гостува еден од најголемите европски режисери и сценаристи на денешнината Кшиштоф Зануси од Полска, добитник на „Златен лав“ во Венеција (1984), наградуван во Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио.

Во рамките на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“ една сесија ќе биде посветена на Годар, на настанот во најава на Фестивалот – ФФФ@МСУ минатиот петок – беше прикажан документарниот филм „Годар: Човекот-филм“, а во соработка со Кинотеката за прв пат на голем екран ќе биде прикажан серијалот што режисерот го подготвува и снима 10 години, култниот „(И)стории на филмот“.

Фестивалска програма е организирана во повеќе програмски сегменти – Ревијална програма: филм-философија, две компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови, Придружна програма (со Фокус Годар), Едукативна програма и Интернационална конференција „Филозофија и филм“, а Фестивалот работи и на два издавачки проекти – превод на „Вајање во времето“ од Андреј Тарковски и (ре)издание на есеи од Милчо Манчевски со естетичка и филмско теориска проблематика.

Филозофски филмски фестивалФОТО/ Филозофски филмски фестивал
Жирито за официјалната конкуренција на долгометражни филмови го сочинуваат д-р Елизабета Шелева, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, д-р Луис Мартин Ариас, професор на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија и д-р Нил Кенеди, професор на Тринити колеџот во Даблин, Ирска. За наградите во официјалната конкуренција на краткометражни филмови ќе одлучува жири во состав на Ивана Мирчевска, интердисциплинарна уметница и истражувачка, Том Докал, филмски критичар од Луксембург и Ана Јакимска, режисерка и сценаристка.

Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура на Република С. Македонија, во соработка со Кинотеката на С. Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, МЕДИА Деск Мк, Музејот на современата уметност Скопје како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK