Македонскиир филм „21 Ден до крајот на светот“ на Теона Митевска селектиран на Венецијанскиот филмски фестивал

film 21den
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

После „Најсреќниот човек на светот”, Теона Стругар Митевска се враќа во Венеција со својот најнов филм „21 Ден до крајот на светот“ во програмата „Денови на авторите”.







Оваа програма годинава прославува две децении од своето постоење, а е создадена од Италијанската асоцијација на режисери и автори. Целта на програмата, која е пандан на Канската програма „Режисерски две недели“ е да се сврти вниманието кон висококвалитетно кино, без никакво ограничување, со посебна грижа за иновативност, истражување, оригиналност и независност.

Селекторите на оваа венецијанска секција која го промовира авторскиот филм го вклучија “21 Ден до крајот на Светот“ во својата програма како неверојатно смел и искрен експериментален филм на автор кој секогаш изненадува.

-Сè започна за време на заклучувањето и изолацијата за време на Ковид. Вознемиреноста беше во воздухот, но целото семејство беше среќно што беше заедно во семејната куќа надвор од Скопје, до денот кога умре нашиот чичко, и јас, сите, бевме опкружени со смрт и стравот беше нашиот водич. Што ако е ова, а утре го нема, дали сум подготвен да ја прифатам сопствената кршливост, дали ќе умрам сама, дали ќе го оставам светот како што е, дали ќе се осмелам да одам на другата страна – ако има друга страна… сите овие дилеми ми ја стуткаа главата и со тоа ја доживеав неопходноста да се повлечам во себе и да се вратам во некоја исконска, сурова состојба на битието. Требаше да направам нешто. Сакав да излупам слоеви на потиснати емоции. Требаше да работам. Мојот концепт беше едноставен: ќе бројам 21 ден напред, што е еднакво на 21-дневно размислување за мојот живот. Во тој процес, пишував, снимав и ја создавав мојата најлична работа, изјави режисерката Теона Стругар Митевска.

Според директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски, македонскиот филм успева да има постојаност на најголемите филмски смотри, со тоа што секоја година е присутен на сите европски фестивали.

-Секако треба да се радуваме на нивните индивидуални успеси, но и на нашата кинематографија. Како Агенција за филм ги правиме сите напори постојано да го поддржиме и потврдиме потенцијалот на нашите таленти, кои не застануваат и нè тераат и нас да одиме напред со нив во оваа толку комплексна уметност, истакна директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски

Лабина Митевска, продуцент на филмот, истакнува дека да се биде во Венеција по втор пат, во две години е огромна работа за секоја кинематографија, а да не зборуваме за македонската.

-Вакви успеси во континуитет не се баш вообичаени и за поголеми кинематографии и Македонија може да биде само горда. Да се биде во селекција која ги негува авторите и која секогаш била насочена кон авторството е голема чест. Селекторите на Венецијанските денови речиси ја прогонуваа Теона да го доврши и технички доуреди филмот за да го вклучат во програмата. Овој филм е поразлично од сè она што сме го виделе од Теона. Овој филм е нејзин експериментален личен дневник, создаден како комплетно независна продукција, со најминимални финансии, речиси целосно сработен само од Теона и едноставно е уникатен мал филм, изјави продуцентката Митевска.

Филмот е копродукција помеѓу Северна Македонија и Белгија.

Според синопис, филмот се осврнува на прашањето што би направиле ако ви останат уште 21 ден живот, што мислите дека би можеле да направите. Филмот се смета за смел, вознемирувачки искрен, со застрашувачка меланхолија во себе, речиси непријатно за гледање. Смел, импулсивен и храбар, режисерот стои гол, изложувајќи го сето тоа.

Во последните две недели, пак, минатогодишниот учесник на Венеција “Најсреќниот човек на светот” на Теона Стругар Митевска освои дури четири награди, две на Бриселскиот Интернационален Филмски Фестивал, за најдобра глума Јелена Кордиќ Курет и за наjдобар звук и две награди за најдобра глума, на тукушто завршениот филмски фестивал во Пула.

Инаку, на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција, што ќе се одржи од 30 август до 9 септември оваа година својата светска премиера ќе ја има и филмот „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција – Скопје, како дел од натпреварувачката програма „Orizzonti“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK