Фестивалот „Илинденски денови“ почнува со проекција на етнографски филмови

ilindenski_denovi_2342423423
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Со проекција на етнографски филмови од 21 држава во светот, вечер во Битола почнува реализацијата на програмата на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Фестивалот е бренд на Битола што се гради 53 години, денес единствен фестивал во нашата држава со сертификат на светската асоцијација на фолклорни фестивали-ЦИОФФ, истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура, домаќин и организатор на фестивалот.


-Нашиот фестивал е член на елитата на фолклорот во светот, фестивал кој беше прогласен за најдобар државен настан во културата за 2022 година. Пред нас е голем предизвик. Во нашата држава има градови чии цели лета не им се големи колку што е голем фестивалот „Илинденски денови“. Оваа година ни доаѓаат групи од цел свет, од Хрватска, Ирска, Италија, Чиле, Мексико, Грузија, Бугарија и Србија, од многу македонски градови, и за нас многу значаен гостин, а тоа е претседателот на јужноевропскиот сектор на ЦИОФФ, Ендрих Мердиќ од Хрватска, посочи Андоновска Илијевски.

Од 19 до 31 јули во рамки на фестивалот ќе се одржат 65 културни настани и според востановената традиција со илинденско дефиле на Широк Сокак, кое ќе се одржи на 26 јули.

-Фестивалот „Илинденски денови“ од секогаш бил отворен круг, за нови кадри, за љубители на традицијата, за уметници…Луѓето што го воспоставија фестивалот секогаш гледале подалеку, иако некои мислат дека гледале во минатото. Минатото секогаш е учител за нашата иднина. Доколку сакаме да знаеме кои се нашите корени, ние мора да го знаеме нашето минато, а доколку сакаме нашите корени да дадат цветови, тогаш ние мора да се потпираме на нашето минато. Затоа ние ја одржуваме во континуитет за да живо егзистира. Фестивалот е отворен за светот, а светот учи од нас, истакна програмскиот директор м-р Валентин Соклевски.

Првиот културен настан почнува вечер со интернационален етнографски филмски фестивал на кој ќе бидат емитувани 21 филм од 19 држави во светот.

-Фестивалот е поврзан со илинденските денови, затоа што е потребно се да биде забележано и да остане на филмска лента. Впрочем, првите филмови на браќата Манаки се поврзани со фолклорни мотиви. Фестивалот е поставен на светската карта за документарни филмови и затоа конкурираа 200, а избравме 21 филм, посочи селекторот на интернационалниот етнографски филмски фестивал, Тони Гламчевски.

Првиот филм „Тапкање на црните чизми“ е словачко-шведска продукција и ќе се емитува вечер од 20 часот во малата кино сала на НУ Центар за култура-Битола.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK