Енрих Мердиќ: Фестивалот „Илинденски денови“ во Битола го заслужува сертификатот на ЦИОФФ

merdic_23432423
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Фестивалот „Илинденски денови“ е импозантен и се радувам што го водат луѓе од струката кои знаат што е фолклор. Како претседател на јужноевропскиот сектор на ЦИОФФ слободно ќе речам, фестивалот „Илинденски денови“ во Битола апсолутно го заслужи сертификатот на ЦИОФФ во сите категории затоа што е одлично организиран, добро поставен, гостољубив за гостите и привлечен за публиката, вели во интервју за МИА Енрих Мердиќ претседател на јужноевропскиот сектор на Светската асоцијација за фолклорни фестивали ЦИОФФ.

Според Мердиќ, кој воедно е претседател на ЦИОФФ за Хрватска, поврзаноста меѓу Македонците и Хрватите е голема и не се сомнева дека така ќе биде и во иднина. Порачува да се работи на вистинскиот, автентичен фолклор, иако оценува дека денес тоа е тешко изводливо.


– Фолклорот сам по себе е многу убав, но треба да се подготви за складно да се изведе на сцената. Забележав поголем број од ансамблите тоа го прават и се радувам што тоа е така. Патем, тешко е денес да се зборува за изворен фолклор, автентичен фолклор затоа што штом го поставите на сцена, тоа значи дека веќе сте интервенирале врз неговата автентичност. Јас би рекол дека вистинскиот автентичен фолклор се изведува пред црква, на сред село…како што е познатата македонска песна „На сред село зурли трештат, тапан чука рум, дум дум“….Таму е изворниот фолклор, а кога ќе го ставиме на сцена, тој веќе е обработен, вели Мердиќ.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Кога бевте избран за претседател на ЦИОФФ и каде дејствува јужноевропскиот сектор?

-Во моментов ја вршам функцијата претседател на ЦИОФФ за Хрватска, а во мај оваа година бев избран и за претседател на јужноевропскиот сектор на ЦИОФФ. Меѓународниот совет на организации на фолклорни фестивали и народни уметности-ЦИОФФ е организиран во шест сектори низ светот. Тоа се северноамерикански, јужноамерикански, северноевропски и јужноевропски, азиски и африкански сектор. Јужноевропскиот сектор е срцето на ЦИОФФ со најголемиот број на ЦИОФФ фестивали, околу 300 кои се одржуваат токму во Јужна Европа. Јас како претседател на овој сектор во наредните четири години ќе ги координирам меѓунационалните секции кои се наоѓаат во Португалија, Шпанија, Франција, Швајцарија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Грција, Кипар, Азербејџан, Косово како партнерски член и Северен Кипар како придружен член на ЦИОФФ. Нашата работа е да организираме гостување на фолклорни групи кои ќе престојуваат во повеќе држави. Така на пример ако некоја група од Мексико гостува во јужна Европа, да настапи во повеќе држави.

Кои се принципите на работа на ЦИОФФ?

-ЦИОФФ е организација која работи врз високо поставени стандарди и за да се добие сертификат на ЦИОФФ мора да се почитуваат строги правила, а тоа значи дека фестивалот мора да се реализира во најмалку пет фестивалски денови, да учествуваат најмалку пет групи од странство и да има најмалку пет различни програми. Домаќините мора да обезбедат сместување и храна за сите учесници и да обезбедат превоз за гостите кој се врши внатре во државата. Тоа се прилично високи стандарди, но некои фестивали тоа неможат да го исполнат како критериум кој е во функција на ансамблите. На организаторите кои ги исполнуваат условите им обезбедуваме квалитетни ансамбли да им гостуваат на нивните фестивали.

На што посебно ќе се фокусирате во текот на мандатот?

– Основата на ЦИОФФ е поставена пред 53 години, но јас би сакал да го подобрам нивото на комуникација, за да не се случува еднонасочна комуникација или таа без причина да се прекине. Мора да ги најдеме најдобрите канали затоа што денес може да се комуницира низ различни форми. Потоа, сакам поврзаноста на фестивалите да биде уште поголема и секако во ниту еден момент да не падне квалитетот на фестивалите. Тој мора да биде континуиран и подобар. Не е добро да се јавуваат осцилации, треба брзо да се реагира, а за тоа ние во ЦИОФФ имаме инструмент за набљудрување и оценување. Во извештаите што ги доставуваме до ЦИОФФ, реферираме ние, но и групите кои гостувале на одреден фестивал се со цел за подобри фестивали.

Колку фестивали се одржуваат во јужноевропскиот сектор?

-Во овој сектор има точно 158 фестивали, а еден од нив е и македонскиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ што се одржува во Битола. Тоа се лиценцирани фестивали со сертификат на ЦИОФФ. Јас лично сум погледнал и присуствувал на многу фестивали низ светот и скоро насекаде организаторите вложуваат максимум за добар фестивал. Треба да се биде реален, некои фестивали не успеваат, но ние им помагаме, а исто така има и групи кои понекогаш знаат да затаат, но токму ние сме тука да корегираме.

Какви се вашите впечатоци за фестивалот „Илинденски денови“?

-Во Битола доаѓам прв пат. Коинциденција е тоа што мојата улога е двојна бидејќи тука сум и како уметнички директор на КУД „Тена“ од Ѓаково. Слободно можам да кажам дека домаќините вложија голем напор, фестивалот е голем и тоа го кажувам како за фестивалската програма, така и за придружните настани како составен дел на фестивалот кој е импозантен. Посебно се радувам што фестивалот го води струката, или стручни лица кои знаат што е фолклор и тоа го поздравувам. Секако како и многу пати досега ќе речам дека вие Македонците сте многу гостољубив народ и дополнително ќе потсетам и потврдам дека линкот, поврзаноста меѓу Македонците и Хрватите е голема и не се сомневам дека така ќе биде и во иднина. Ги следев македонските ансамбли на сцената, но и разговарав со стручните лица што го водат овој фестивал и со лицата од стручното жири, почитувани професори. Разговаравме, и според мене посебно позитивно е тоа што една главнина од нив настојуваат да го постават фолклорот на сцената, иако не се прават нови кореографии.

Фолклорот сам по себе е многу убав, но треба да се подготви за складно да се изведе на сцената. Забележав поголем број од ансамблите тоа го прават, и се радувам што тоа е така. Патем, тешко е денес да се зборува за изворен фолклор, автентичен фолклор затоа што штом го поставите на сцена, тоа значи дека веќе сте интервенирале врз неговата автентичност. Јас би рекол дека вистинскиот автентичен фолклор се изведува пред црква, на сред село…како што е познатата македонска песна „На сред село зурли трештат, тапан чука рум, дум дум“….таму е изворниот фолклор, а кога ќе го ставиме на сцена тој веќе е обработен. Искрено, се што видов од изведбите на македонските фолклорни ансамбли, се ми се допадна.

Што би им препорачале на организаторите на Фестивалот во Битола?

-Фестивалот „Илинденски денови“ во Битола апсолутно го заслужи сертификатот на ЦИОФФ и во сите категории затоа што е одлично организиран, добро поставен, гостољубив за гостите и привлечен за публиката. Тоа што можеби малку ми недостига е начинот на сместување на групите. Имено сите ние сме сместени во прекрасни објекти и хотели, но малку сме изолирани. Ние би сакале сите да сме на едно место, за да се дружиме со останатите ансамбли. Една од основите на ЦИОФФ фестивалите се дружењата, новите познанства, ширење на сопствената култура, нашата хрватска, вашата македонска, италијанската, чилеанската, мексиканската…на сите фестивалски гости. Нашата мисија е да шириме толеранција, да создаваме пријателства! Заедно да играме и да пееме!

Вашето КУД „Тена“-Ѓаково каде има гостувано и каде планирате во иднина да гостувате?

-Оваа година имаме премногу настапи. Нашето КУД „Тена“-Ѓаково гостуваше на еден мини фестивал во Австрија, потоа бевме домаќини на фестивал во Ѓаково, а после Битола продолжуваме на ЦИОФФ фестивал во Швајцарија, мини турнеја во Пожега, во Крапина и на други места…Се гордеам со мојот ансамбл како репрезент на хрватската култура која имаше прекрасен прием во Битола, и благодарам за сите аплаузи од битолската публика.

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK