Рок составот „Bad – Ass – All“ синоќа настапи на манифестацијата „Кривопаланечко културно лето“.
-Преполната летна сцена беше исполнета со прекрасна атмосфера, а граѓаните и бројните туристи уживаа во популарни домашни и странски рок хитови, во изведба на младите талентирани музичари со бројни награди од фестивали ширум Балканот. Настанот донесе одличен летен музички импулс, а културната понуда на Крива Паланка во јули е богата, со музика и уметност за сите генерации, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Оттаму посочуваат дека викендов и деновите од следната недела ќе бидат опфатени повеќе музички жанрови, со вечерни концерти за уживање и на младите и на повозрасните.
– Утревечер на летната сцена настапува камерниот состав „Плакенка Трајковска“, на 18 јули ќе има видео проекција – концерт, а на 19 јули настапува талентираниот џез музичар Гордан Спасовски со неговото трио. Гордан е млад талент што го освојува светот со неговата виртуозност, а потекнува токму од нашиот град, додаваат од Општината.
На 20 јули исто така ќе настапи талентиран кривопаланечки гитарист, Дејвид Зекиров со неговиот бенд, по што до крајот на месецот следуваат фолклорен концерт на КУЗ „Фолклористи“, ќе има проекции на концерти, настап на Петар Малинов.
„Кривопаланечко културно лето 2023“ е во организација на Општина Крива Паланка со институциите од областа на културата, а поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија.