Како би одела отплатата на ПАХЕ „Чебрен“ доколку самите инвестираме во нејзината изградба?
Во претходните анализи за ПАХЕ „Чебрен“ се споменуваа цени, трошоци и вредност во денешни евра. Подолу ќе видиме дека и покрај растечките цени со текот на времето, концептот за денешни евра сепак дава многу добра ориентација за соодносите на цените, како и времето на отплата на инвестицијата.
Сега ќе видиме една поточна пресметка, со земање предвид на каматните стапки и стапката на инфлација. Резултатите се вџашувачки и само најголеми недомаќини не би се одлучиле за самостојна градба.
Да одиме со ред. Како појдовна основа ќе ни послужи износот на инвестицијата за изградба на ПАХЕ „Чебрен“, која според повеќето домашни проценки (ЕСМ) најмногу би изнесувала К=600 милиони евра. Ќе сметаме дека овој износ би бил повлечен во m=6 подеднакви годишни транши од по K/m=100 мил. евра, започувајќи од нултата година, т.е. почетокот на изградбата. Со сини стрелки на шемата е означен приливот на пари, односно траншите на заемот.
После изградбата на ПАХЕ „Чебрен“ во седмта година, ќе сметаме дека веднаш ќе започне отплатата, којашто би се вршела во следните n=20 години. Каматната стапка на заемот во оваа симулација нека биде r=6%, a ануитетите нека бидат растечки и нека се зголемуваат со годишна стапка на раст g=3% (означено со црвени стрелки на шемата). Намерно не користиме подеднакви ануитети, бидејќи поради инфлацијата приходите од произведената и складираната електрична енергија би растеле со стапката на инфлација, којашто ќе ја усвоиме на ниво i=3%. Затоа усвоивме и ануитетите да растат со истата стапка (g=i=3%), но можни се и други сценарија.
Поставен е математички модел за пресметување на првиот доспеан ануитет а1, којшто би изнесувал a1=44 мил. евра. Последователните ануитети потоа лесно се пресметуваат како членови на геометриска прогресија со количник 1+g=1,03. Последниот, 20-ти ануитет би изнесувал a20=92,8 мил. евра, но износот нема да биде проблем, бидејќи и цената на продадената електрична енергија ќе расте според истата геометриска прогресија.
Дали првиот ануитет од 44 мил. евра/год. е преголем и дали би можеле да го отплатуваме? Ако се навратиме на еден од претходните текстови („Како Грците печалат на нашата вода и нашата глупост“), во табелата „в“, што се однесува на сценариото самите да ја градиме ПАХЕ „Чебрен“, гледаме дека приходите од ХЕ „Тиквеш“ денеска, во нултата година изнесуваат 8 мил. евра годишно. Од производство на ХЕ „Чебрен“, само од проточната вода на Црна Река би имале уште 15,3 мил. евра/год. приходи, додека од ПАХЕ „Чебрен“ од складирањето на електричната енергија во реверзибилен режим на работа со рециклирање на водата би имале уште 30 мил. евра/год. приходи. Вкупно, според денешни цени би имале 53,3 мил. евра приходи. Поради инфлацијата со i=3%, во седмата година од денес, кога ПАХЕ би започнала со работа, приходите би достигнале 53,3*1,03^7 = 65,5 мил. евра, што значи дека лесно би се отплатил ануитетот од 44 мил. евра и уште би останале 21,5 мил. евра годишно приход!
Овие пресметки важат за инсталирана моќност од 333 MW. Доколку електраната има моќност од 458 MW, како според проектот на ЕСМ, тогаш приходите од складирање би биле уште за 13,5 мил. евра поголеми во седмата година, односно вкупните приходи би достигнале 79 мил. евра/год.
Зошто во пресметката ја земаме во предвид и ХЕ „Тиквеш“? Па поради тоа што секако би ја зеле Грците за да си ја олеснат отплатата, па зошто не би ја користеле и ние за отплата?
Отплата мазно би одела сите 20 години, а доколку не отплатувавме лежерно (за да ни остане приход), електраната би била отплатена и побргу. Во секој случај, дури и со вакво релаксирано отплатување, после 20 години производство, односно после 26 години од денес, ПАХЕ „Чебрен“ би била отплатена и во следните 25 години, односно до ревитализацијата би носела чисти приходи со занемарливи трошоци за одржување и плати. Хидролектраните немаат потреба од многу луѓе, а цената на електричната енергија најмалку 90% зависи од почетната инвестиција што подоцна се отплатува.
Ако пак ХЕ „Тиквеш“ започне со отплата уште од нултата година, тогаш долгот дополнително би бил намален за цели 56 мил. евра до почетокот на работата на новата ПАХЕ во седмата година (или потребниот заем би бил намален за исто толку). Времето на отплата исто така би било дополнително скратено. Доплнителна предност е што граѓаните не би се лишиле од евтина домашна енергија, за разлика од сценариото со отстапување на ХЕ „Тиквеш“ на Грците.
Ова се главните аргументи зошто предавањето на двете електрани на Грците (и тоа на цели 67 години!) е многу недомаќинска и штетна одлука, што доколку би имале независно обвинителство и судство не би поминала незабележано. Но, нема да ни биде ни прва ни последна штетна одлука, овој народ многу издржал и допрва ќе издржи.
Да видиме уште неколку интересни резултати од пресметката. Вкупниот износ на сумата од сите 20 исплатени ануитети а1…а20 би изнесувал 1.311,3 мил. евра, односно повеќе од двојно од позајмените 600 мил. евра. (можеби ова е милијардата што ја споменуваат Грците). Но, треба да се има предвид дека тоа се идни евра, „подјадени“ од инфлацијата. Сегашната вредност (Present Value – PV) на сите 20 ануитети, дисконтирани со стапката на инфлација i=3% изнесува само PV=696 мил. евра, што не е многу повеќе од износот на земот К=600 мил. евра. Затоа уште еднаш подвлекуваме дека концептот за пресметка во денешни евра е многу корисен.
На крајот, да кажеме и дека денешната врдност на примените 6 транши заем со вкупен износ од 600 милиони евра е помала и изнесува 545 мил. евра. Практично, добивката на банката-заемодавач е разликата 696-545 = 151 мил. евра (денешни), иако вистинскиот износ на каматата е дури 1.311,3-600 = 711,3 мил евра (но во идни евра).
Но, доколку државата малку се „потприбере“ со недомаќинското трошење и оддели само по 100 мил. евра годишно во следните 6 години, тогаш би поминале уште поевтино, односно не би плаќале ни камати. Впрочем, државата е должна на своите граѓани да им овозможи непрекинато снабдување со електрична енергија. Но, за жал ние гледаме обратна тенденција. Со последниот ребаланс на буџетот цели 300 мил. ева за капитални инвестиции (колку за половина ПАХЕ „Чебрен“!) се пренаменети за плати и пензии, најверојатно поради претстојните избори. Ова е вистинска штета, бидејќи верувам дека и граѓаните, доколку убаво им се објасни не би имале ништо против платите извесно време да останат непроменети, со цел домаќински да го изградиме „Чебрен“, да го намалиме проблемот со снабдување со електрична енергија, а на идните генерации да им оставиме објект на стратегиската инфраструктура.
Било како било, би имало простор како за профит на банката, така и за нашата држава, а на задоволство на граѓаните, кои би имале релативно евтина електрична енергија (од фотоволтаици со складирање во ПАХЕ „Чебрен“ средната дневно-ноќна цена би изнесувала околу 55 евра/MWh, како што видовме претходно). Најважното е што би имале стабилна и предвидлива цена на електричната енергија изведена само од износот на инвестицијата и не би биле изложени на променливите пазарни цени на увезената електрична енергија, којашто може да се крева и до небо во некои месеци.
Најскапа струја е таа што ја немаме и мораме да ја увеземе. Една домаќинска земја би требало самата да гради производни капацитети, наместо што го раскрчмува националното благо, за потоа да биде зависна од увоз.
Ги видовме пресметките од различни аспекти и истите многу лесно се проверуваат и се бранат. Дали ќе видиме и пресметките на тие што знаат само да распродаваат?