Проф. Цицонков: Решение за аерозагадувањето со изградба гасни централи е комплексно прашање

ciconkov_352342323432
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Зошто да се чека изградба на нови гасни електроцентрали со систем за централно затоплување кога граѓаните можат и денес да се приклучат на постојниот систем?

Темата за загадување на воздухот во градовите во Република Македонија (РМ), особено во Скопје, е многу актуелна и така ќе биде уште најмалку неколку години. Последиците од ваквата состојба се алармантни бидејќи аерозагадувањето е причина за релативно голем број на смртни случаи и за предизвикување на разни болести со трајни последици. Се разбира дека јавноста бара од надлежните органи да го решат овој проблем.


Од Владата на РМ изјавија дека се обврзува на долгорочна и системска стратегија која реално ќе го намали загадувањето, а за тоа е потребно да се промени начинот на затоплување на домовите. Тоа подразбира наместо фосилни повеќе да се користат еколошки горива, меѓу кои и централно затоплување кое треба да биде достапно за сите граѓани. Потребно е да се изградат гасни централи и веќе има заинтересиран инвеститор, а за реализација се потребни неколку години.

Јас би сакал да се осврнам на изјавата во делот “Тоа подразбира наместо фосилни повеќе да се користат еколошки горива …“ при тоа се кажува дека “Потребно е да се изградат гасни централи …“. За да биде јавноста коректно информирана веднаш да кажам дека природниот гас е фосилно гориво, значи не е еколошко гориво. Со неговото согорување се ослободува јаглерод-диоксид (СО2) кој не ја загадува локалната средина, но припаѓа на групата на стакленички гасови кои се главни причинители на глобалното затоплување, односно климатските промени.

Во врска со информацијата дека Владата веќе има заинтересиран инвеситор (веројатно од странство) би сакал да поставам прашање зошто надворешен инвеститор? Па во сите стратегии за енергетски развој на РМ од 2000 г. наваму е предвидено државата да гради когенеративни гасни централи во нејзина сопственост, а јас би рекол дека може и најмалку  51% сопственост. На тој начин ќе може да произведува базна електрична енергија која во овој момент ни е многу драгоцена бидејќи плаќаме од увоз по берзанска цена.

Понатаму, во изјавите се спомнува дека со изградбата на гасни централи ќе се обезбеди “… централно затоплување кое треба да биде достапно за сите граѓани“. Ова е многу комплексно прашање кое зависи од многу фактори. Дали се работи за Скопје или за другите градови? Ако греењето со дрва е поефтино, тешко дека ќе има многу потенцијални корисници на градска топлификација, особено во другите градови. Се наметнува потребата од правење на претходна анкета кај граѓаните дали би се приклучиле на градска топлификација при точно одредени услови.

Да претпоставиме дека во некој град е изградена гасна централа и соодветна топловодна мрежа за градска топлификација. Се поставува прашање колку треба да плати корисникот за приклучувањето на мрежата (бетонски канал, цевки со топлински изолација, топлинска подстаница и др.). Ако државата не покрие дел од овие трошоци, за многу корисници приклучувањето веројатно нема да биде прифатливо. Во врска со ова да го наведам случајот со Битола каде што пред неколку децении имаше градска топлификација, но заради нерантабилно работење (меѓу другото и мал број на корисници) беше прекината работата и денес веројатно не постои.

Но да одиме понатаму со анализа на плановите на Владата дека ќе се градат гасни централи и соодветна инфраструктура за приклучување на населението на градски топлификациони мрежи за што е потребно време од најмалку три години. Дојдов на идеја да го контактирам “ЕСМ Снабдување со топлина“ https://esm-snabduvanje.mk/ за да се информирам дали може мојот дом да се приклучи на градската топлификација како нов корисник Ми одговорија во рок од 24 часа со детално објаснување за постапката за приклучување и приложен форулар (барање) што треба првин да се поднесе. Веднаш се наметнува прашањето: зошто да се чека изградба на нови когенеративни гасни централи за снабдување со топлина ако денес има слободен топлински капацитет за да се приклучи населението уште денес? Колкав е тој капацитет, односно колку корисници би можело уште денес да се приклучат? Ако се работи за значителен број, државата треба веднаш да спроведе промоција преку јавни медиуми и да го потикне населението да се приклучи на централниот систем за топлификација со давање субвенции или други бенефиции. Истовремено, треба да се испитаат причините зошто досега немало помасовно приклучување за да се искористи тој слободен капацитет? Од друга страна, колку што ми е мене познато, во Скопје се изградија (и уште се градат) многу нови големи згради кои што немаат вградено централен систем за греење, па според тоа не може ниту да се приклучат на градскиот систем. А сега дополнително да се дупчат ѕидови и бетонски плочи на ново наместени станови е тешко прифатливо.

Бидејќи природниот гас не е еколошко гориво, на него се гледа како транзиционо решение кое постепено ќе се исфрлува од употреба најдоцна до 2050 година. Тоа значи дека оние што планираат да градат когенеративни гасни централи ќе треба веднаш да почнат со изградба бидејќи работниот век на овие постројки е околу 25 години. Некои од побогатите држави планираат изградба на нови гасни централи кај кои по работа на извесен број години природниот гас ќе се замени со водород. Инаку, водород може да се користи и денес, но неговата цена е многу висока, а се претпоставува дека цената ќе опаѓа и по извесен период ќе биде конкурентно гориво. Се разбира, ова е претпоставка и постои ризик за исплатливост што за РМ е тешко прифатливо.

На крај да резимирам дека во изјавата на Владата дека аерозагадувањето во градовите ќе го отстранува со изградба на гасни централи и централно градско затоплување достапно за сите граѓани е многу комплексно прашање со многу недефинирани и неизвесни работи. Не знам зошто не се спомнуваат други еколошки алтернативи за затоплување достапни веднаш, а за кои сум пишувал многу пати.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

16.01.2025

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK