Додека планетата се соочува со сè поразорни климатски екстреми, а граѓаните ширум светот плаќаат многу зголемени сметки за гориво, греење и храна, индустријата што е главен виновник за глобалното затоплување бележи вистинска златна треска. Во третиот квартал од 2026 година, десетте најголеми светски компании за нафта и природен гас остварија комбиниран вкупен приход од 827 милијарди долари и чист квартален профит од неверојатни 109 милијарди долари.
Овие бројки не се резултат на технолошки напредок, додадена вредност или зголемена ефикасност. Тие се директен производ на воените конфликти на Блискиот Исток, блокадите во Ормутскиот теснец и пазарните шпекулации што ја турнаа цената на суровата нафта над 100 долари за барел. Наместо овие вонредни добивки да се насочат кон санирање на климатските штети што ги предизвикуваат нивните производи, фосилните корпорации ги користат за полнење на џебовите на своите акционери и за дополнително проширување на експлоатацијата на нафта и гас.
Финансиска анатомија на фосилната моќ
Податоците од официјалните финансиски извештаи за третиот квартал (јули–септември) 2026 година покажуваат дека речиси сите водечки играчи ја удвоиле или тројно ја зголемиле својата добивка во споредба со истиот период минатата година. Профитот во третиот квартал (Q3) е даден во приложената табела.
| Компанија | Држава | Профит во Q3 2026
во милијарди УСД |
| 1. Saudi Aramco | Саудиска Арабија | 36,3 |
| 2. ExxonMobil | САД | 15,4 |
| 3. Shell | Велика Британија | 12,1 |
| 4. Chevron | САД | 9,9 |
| 5. TotalEnergies | Франција | 9,1 |
| 6. BP | Велика Британија | 8,5 |
| 7. PetroChina | Кина | 7,8 |
| 8. ConocoPhillips | САД | 4,0 |
| 9. Eni | Италија | 3,7 |
| 10. Sinopec | Кина | 2,0 |
На врвот на оваа листа неприкосновено стои државниот монопол Saudi Aramco, кој за само деведесет дена инкасирал 36,3 милијарди долари чист профит – сума поголема од годишниот бруто-домашен производ на десетици земји во развој, вклучително и на Македонија. Веднаш зад него се западните корпоративни гиганти ExxonMobil со 15,4 милијарди долари и Shell со 12,1 милијарди долари. Дури и кинеските гиганти PetroChina и Sinopec, кои работат со државно регулирани домашни цени на горивата, остварија комбиниран профит од речиси 10 милијарди долари во еден квартал.
Лицемерието на „зелената“ транзиција
Најпоразителниот аспект на овие финансиски извештаи е начинот на кој се трошат милијардите. Иако нафтата, гасот и јагленот се одговорни за над 75 проценти од глобалните емисии на стакленички гасови и речиси 90 проценти од сите емисии на јаглерод диоксид, нафтените компании го искористија енергетскиот шок во 2026 година за тивко да се откажат од своите климатски ветувања.
Анализите на пазарот покажуваат дека наместо да инвестираат во соларна, ветерна или друга чиста енергија, водечките компании вложиле помалку од 5 проценти од своите капитални буџети во обновливи извори. Наместо тоа, тие ги наградуваат своите акционери со историски дивиденди и масовен откуп на сопствени акции. Само во третиот квартал, Saudi Aramco исплатил 21,9 милијарди долари дивиденда, ExxonMobil им дал 9,4 милијарди долари на акционерите, а Shell најави нова програма за откуп на акции од неколку милијарди долари. Истовремено, речиси сите десет компании одобриле нови проекти за дупчење нафта и изградба на терминали за течен природен гас (LNG) во Африка, Јужна Америка и на Блискиот Исток, заклучувајќи го светот во фосилна зависност во наредните децении.
Двоен данок за граѓаните, имунитет за загадувачите
Во економијата, оваа ситуација претставува класичен пример за приватизација на профитот и социјализација на штетите. Кога цената на нафтата расте поради геополитички кризи, граѓаните го плаќаат цехот веднаш: на бензинските пумпи, преку поскапата електрична енергија и храната. Но, граѓаните го плаќаат и вториот, далеку поскап цех: уништените земјоделски површини од сушите, поплавените градови, топлинските бранови и здравствените последици од загадениот воздух. За тоа време, најголемите загадувачи уживаат речиси целосен финансиски имунитет. И покрај гласните повици од Обединетите нации и климатските организации за воведување глобален данок на вонредните профити, владите на најбогатите држави сè уште се колебаат да ги оданочат енергетските монополи.
(Ќе има продолжение со наслов: Држави што го контролираат глобалниот пазар на нафта и гас.)
Д-р Ристо Цицонков*, редовен професор
Машински факултет – Скопје
*Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)
19.11.2026