КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ – ОБЈАСНУВАЊЕ (2 дел)


risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Учеството на гасовите во ефектот стаклена градина најчесто се изразува преку Потенцијалот за глобално загревање (GWP – Global Warming Potential) предложен од IPCC (Меѓународен панел за климатски промени). Бидејќи гасовите имаат различно времетраење (живот) во атмосферата, се зема предвид и определено времетраење во кое делуваат гасовите (ITH – Integrated Time Horizon) и тоа од 100 години. Како референтна вредност е земена GWP = 1 за СО2. На пример, за гасот HFC-410A е GWP = 2.088, а тоа значи дека 1 kg од овој гас испуштен во атмосферата во временски хоризонт од 100 години ќе има еднаков ефект на глобално загревање како и 2.088 kg СО2.

Вредности на GWP за неколку гасови:


CO2: 1;  CH4: 23;  N2O: 296;  HFC-410A: 2.088 итн.

Вкупните емисии на GHG се изразуваат во kg или t CO2-eq (еквивалентни емисии на CO2).

На пример, ако во атмосферата се испуштат

10.000 kg CO2, 100 kg CH4  и  10 kg N2O,

тогаш вкупната емисија се изразува како збир:

10.000∙1 + 100∙23 + 10∙296 = 10.000 + 2.300 + 2.960 = 15.260 kg CO2-eq

Учеството на СО2 во глобалното загревање е 76%, значи тој е доминантен. Но овој гас има една неповолна особина, а тоа е неговата трајност во атмосферата. Околу 50% од емисиите на СО2 траат околу 50 години, 30% во текот на неколку века, а 20% останува во атмосферата илјадници години.

Главни причини за глобалното загревање се: производство на електрична енергија и топлина, транспорт, индустриски процеси, земјоделство и обесшумување (уништување на шумите). Подетално е прикажано подолу.

  1. Производство на електрична енергија и топлина

– Согорувањето на јаглен, нафта и природен гас создава најголем дел од глобалната енергија.

– Овој процес ослободува големи количини на јаглерод диоксид.

– Електраните се најголемиот извор на глобални емисии на стакленички гасови.

  1. Транспорт

– Автомобилите, камионите, бродовите, возовите и авионите работат на нафтени деривати.

– Согорувањето на бензинот и дизелот ослободува јаглерод диоксид во воздухот.

– Заради зголемување на бројот на патувањата, овие емисии секоја година растат.

  1. Индустрија

– Фабриките произведуваат производи како челик, цемент, пластика, електроника …

– За нивното производство потребни се огромни количини на енергија од фосилни горива.

– Хемиските реакции во индустриските процеси, исто така, ослободуваат стакленички гасови.

  1. Земјоделство и сточарство

– Добитокот (крави и овци) произведува големи количини на метан за време на варењето на храната.

– Вештачките ѓубрива ослободуваат моќни гасови од азотен оксид во воздухот.

  1. Обесшумување

– Шумите се уништуваат за создавање на земјоделско земјиште, пасишта и дрва за огрев.

– Дрвјата апсорбираат и складираат јаглерод диоксид од воздухот.

– При горење на дрва се ослободува јаглерод диоксид назад во атмосферата.

Најголемите емисии на стакленички гасови се прават во енергетскиот сектор (електрична енергија, топлина и транспорт) и тоа 76% од вкупните глобални емисии. Според тоа, главното делување за намалување / спречување на климатските промени треба да се врши во овој сектор. Најкратко кажано, треба да се намали потрошувачката на енергија со преземање мерки за зголемување на енергетската ефикасност и примена на обновливи извори на енергија (вода, сонце и ветер).

Многу податоци во врска со климатските промени во Република Македонија може да се најдат во “4-ти национален план за климатски промени“, официјален документ што се доставува до телата на Обединетите Нации. Меѓу другото, таму има поглавја за “Национален инвентар на стакленички гасови“, “Ублажување на климатските промени“, “Ранливост и адаптација на климатските промени“ и друго. Овој документ може да се преземе на интернет од https://klimatskipromeni.mk.

Борбата против климатските промени е комплексна задача и треба да се спроведува на сите нивоа, од поединец, семејство, локална самоуправа, фирми, држава и меѓународни активности. Иако имаше извесен оптимизам со донесувањето на Парискиот договор во 2015 година, денес ситуацијата е алармантна бидејќи многу држави не го почитуваат овој договор, а САД официјално се повлекоа од него.

Моите написи на темата климатски промени ги завршувам со реченицата: Сè додека пазарната економија, односно профитот имаат приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат

Д-р Ристо Цицонков*, редовен професор

Машински факултет – Скопје

*Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)

03.09.2026

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK