Спасевска: Стипендии за студенти од трите циклуси од средства на УКИМ и неговите фондации и целосна инклузија на студентите со попреченост
УКИМ ќе има квалитетни студиски програми, меѓународно препознатливи, подготвени да одговорат на потребите на компаниите. Во наставниот процес ќе се акцентира зголемувањето на дигиталните вештини кај студените, практичната настава, нивната способност за тимска работа и совладување на предизвици. Со средношколците ќе направиме сосема поразличен начин на соработка, преку нивна континуирана поддршка во текот на средното образование. Нашите студенти, асистенти и млади наставници ќе работат со нив за нивна подготовка за натпревари и матура. Дополнително, сите студенти од трите циклуси на студии ќе имаат можност да аплицираат за стипендиски програми од сопствени средства на УКИМ, но и средствата од неговите фондации, каде студентите со попреченост ќе имаат приоритет во процесот на аплицирање, но и при изборот на стипендистите, вели професорката на ФЕИТ, Христина Спасевска, кандидат за ректор на УКИМ во интервју за Опсервер.
Кои се вашите клучни приоритети за коишто ќе се залагате на УКИМ?
Враќање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје како најстар, најголем и најдобар универзитет за лидер во секое поле. УКИМ кој креира позитивни политики, гради став по важни прашања за државата и се наметнува со истиот, но пред сѐ УКИМ кој преку примена на европските стандарди дома, со подигнат квалитет на наставата, ги образува најдобрите и најбараните кадри. Мора да почнеме да ги менуваме работите на подобро веднаш. Да воспоставиме одржливи механизми кои ќе го подигнат квалитетот на високото образование на национално ниво, да ја зголемиме меѓународната соработка и поголемо вклучување на наставно-научниот кадар во работа на меѓународни проекти. Да работиме заедно со студенти, за студентите. Да воспоставиме не само академска, туку и студентска автономија, но и транспарентно и отчетно работење на ректорската управа и единиците на УКИМ. Ова се приоритетите врз кои мора да се темели работата на УКИМ, креирајќи студиски програми кои нудат европско образование дома. На тој начин конечно можеме да кажеме дека се залагаме вистински, реално да го решиме и проблемот со континуирано опаѓање на рејтингот на УКИМ на светските ранг листи.
Седумте приоритети за Европско образование на УКИМ од мојата програма за ректор ќе се остваруваат преку конкретни проекти, реализирани согласно акциски план, со точно поставена временска рамка и предвидени финансии. Најважно од сѐ, истите ќе се работат тимски со вклучување на студентите и професорите од сите единици на УКИМ. Наша одговорност е да покажеме лидерство, кое ќе го следат и останатите универзитети, но пред се лидерство кое ќе придонесе кон отпочнување дијалог и партнерство со државата.
Како планирате да ги задржите студентите на УКИМ, а воедно и да привлечете нови со оглед на тоа што се повеќе матуранти се запишуваат на приватните универзитети или пак одат на студии во странство.
УКИМ ќе има квалитетни студиски програми, меѓународно препознатливи, подготвени да одговорат на потребите на компаниите. Во наставниот процес ќе се акцентира зголемувањето на дигиталните вештини кај студените, практичната настава, нивната способност за тимска работа и совладување на предизвици. Тие ќе се вклучуваат во научни, развојни и уметнички проекти со цел добро да се подготват за пазарот на труд. Препознавањето на студентите со претприемачки вештини и нивната поддршка за основање на сопствени бизниси е проект кој веќе е даден во мојата програма. Поврзувањето на студентите со реалниот сектор и овозможување специјални програми за практична работа во него, како и поттикнување на компаниите да стипендираат, ќе овозможи студентите да имаат соодветен кариерен развој уште во текот на студирањето. Исто така ќе воведеме студентско практикантсво на УКИМ.
Со средношколците ќе направиме сосема поразличен начин на соработка, преку нивна континуирана поддршка во текот на средното образование. Нашите студенти, асистенти и млади наставници ќе работат со нив за нивна подготовка за натпревари и матура. Исто така ќе бидат вклучени во заеднички истражувачки проекти. Едноставно ќе го отвориме УКИМ за младите додека се сѐ уште во средношколските клупи, да нѐ запознаат и подготвени да донесат одлука каде ќе студираат.
Велите „Во центарот на своето работење Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги има студентите”, а дополнително ќе понуди целосна поддршка и инклузија на студентите со попреченост. На кој начин?
Токму така, УКИМ и новата ректорска управа мора да креира програми во кои студентите ќе бидат центарот на работењето за што јас како кандидат за ректор максимално се залагам и за тоа е доказ мојата програма за Европско образование на УКИМ која нуди повеќе значајни проекти од овој тип. УКИМ и ние професорите постоиме за да образуваме што поголем број млади, а студентите со попреченост заслужуваат да ги уживаат истите права како и останатите студенти. Затоа во мојата програма имам посебен проект наменет токму за оваа група студенти, каде ќе креираме инклузивен образовен процес, нудејќи целосна достапност до учебните материјали, редовно следење на наставата и вклучување на студентите со попреченост во спортските и вон наставните активности, како и во процесот на креирање политики како рамноправен дел од заедницата. УКИМ е универзитет на сите и наша должност е да работиме обезбедувајќи подеднакво исти услови за сите студенти.
Дополнително, сите студенти од трите циклуси на студии ќе имаат можност да аплицираат за стипендиски програми од сопствени средства на УКИМ, но и средствата од неговите фондации, каде студентите со попреченост ќе имаат приоритет во процесот на аплицирање, но и при изборот на стипендистите. Единствено на тој начин ќе покажеме дека се менуваме, работиме во интерес на УКИМ, студентите и професорите, покажуваме општествена одговорност и го вреднуваме трудот и талентот на нашите најдобри студенти. Тоа е мојата визија за УКИМ којшто јас во тимска работа со професорите и студентите планирам да го трансформирам во наредните 3 години од ректорскиот мандат доколку ја добијам поддршката од колегите професори и студенти.
УКИМ деновиве се најде на 1190 место на светското рангирање. Кои се причините за овој драстичен и континуиран пад?
Да почнеме од нас самите, од УКИМ. УКИМ нема воспоставено системски одржливи мерки со кои ќе се овозможи подобрување на научноистражувачката и апликативната дејност од која би требало да произлезат поголем број трудови објавени во референцирани списанија. Ако ги исклучиме факултетите кои ги финансираат докторските студии на своите асистенти, скоро и да немаме механизми за поддршка на младите научници тие да воспостават своја мрежа за соработка и истражување. Законот за високо образование дава многу широко толкување на поимот „референтна публикација“, па секое списание или зборник на трудови со меѓународен уредувачки одбор, кое го нема во светските бази, се зема предвид при изборот на академскиот кадар. Затоа УКИМ треба да направи своја листа на референтни публикации, по подрачја и полиња, каде ќе објавуваме и која ќе биде мерило за квалитетна наука. УКИМ нема екипирано одделение за наука, меѓународна соработка и мобилност кое што ќе биде административна поддршка на академскиот кадар. Многу професори со исклучителни научни резултати и меѓународна мрежа, не се подготвени да аплицираат на проекти токму поради немањето административна поддршка за нивно аплицирање и водење.
Но секако, најзначајна е поддршката на државата со носењето на политичка одлука да има еден универзитет високо поставен на светските ранг листи. Подготвените системски мерки од наша страна и поддршката од државата треба да овозможи во даден временски период подобрување.
Во вашата програма имате седум приоритети за работењето на УКИМ во следните три години, а еден од нив е подигнување на рејтингот на УКИМ. Колку ова е реално изводливо и како вие планирате да го решите овој проблем?
Мојата програма има дефинирано конкретни проекти со кои ќе се воспостави систем за подигнување на рејтингот на нашиот универзитет. Голем дел од средствата што се одлеваат во дел од управувачките органи, како што се големиот ректорски додаток, 5% зафаќањето од проекти, 3% од средствата за интегративни функции за наука и меѓународна соработка, ќе бидат наменети за поддршка на академскиот кадар за аплицирање и водење меѓународни проекти и релевантни научни истражувања.
Ќе се формира Совет за наука, составен од највлијателните научници од УКИМ, со кој заеднички ќе ги поставиме насоките и мерките за подобрување, но ќе разговараме и со државните институции за наша конкретна поддршка.
Со оглед дека рангирањето на УКИМ е процес, единствено со овој приод ќе можеме сите заеднички, професорите, студентите и државата да го етаблираме УКИМ многу повисоко на ранг листите.
Ниските плати на професорите и високиот хонорар којшто го добива ректорот на УКИМ се теми на кои се дискутира низ кулоарите на УКИМ, но и во јавноста по последните покачувања на функционерите. Дури наидовме и на јавен повик од професор на УКИМ идниот ректор да се откаже од високиот хонорар. Кој е вашиот став по овие прашања?
Многу малку се знае за додатокот на ректорот и проректорите, но и за финансиските бенефиции што тој ги ужива. Дури и јас како актуелен проректор немам доволно информации. Во текот на моето претставување дознавам дека се случувало наши колеги и организации да бараат одговор по овие прашања како информации од јавен интерес. За мојот проректорски додаток можам да кажам дека е нешто помалку од 60 илјади денари и моја претпоставка е дека ректорскиот се приближува кон двојна сума.
Искрено се радувам што во текот на кампањата дел од моите колеги кандидати за ректор го препознаа предлогот напишан во мојата програма за драстично намалување на ректорскиот додаток и другите финансии на ректорот, како што е поголемиот дел од зафаќањето 5% од проектите. Тие го прифатија овој мој предлог иако не е даден во нивната програма, што значи дека сите имаме заеднички цели за подобрување на УКИМ.
Транспарентно и отчетно работење гласи еден од седумте приоритети за Европско образование на УКИМ. Доколку треба да дадете академска оценка од 5 до 10, на кое ниво е транспарентноста во моментот на УКИМ?
Сега сме на граница на положување. Транспарентноста и отчетноста секој може да ја гледа на различен начин. Во текот на моето претставување кога зборував на оваа тема се отвори дилемата, како при законско работење на УКИМ, ние сепак зборуваме на оваа тема. Законското работење не значи спроведување на мерки за транспарентност и отчетност помеѓу единиците, професорите и студентите на УКИМ. Сите наши финансиски извештаи се збирни, напишани на начин кој може да го разберат многу малку од колегите и студентите, само оние кои го владеат финансиското работење. Ние немаме внатрешна ревизија, иако во овој момент на УКИМ после многу години се одвива редовна надворешна државна ревизија. Веќе пет години од донесувањето на Законот за високо образование, УКИМ нема покренато иницијатива за формирање на Универзитетскиот совет, кој има задача за согледување на законитоста на работата на ректорот и УКИМ во целина. Немаме отворени седници на ректорската управа и сенатот. Овие и многу други механизми за транспарентност и отчетност се дадени во мојата програма за работа и развој на УКИМ за кој ќе се заложам уште од почеток.
За крај, понудивте доста амбициозна програма за ректор на УКИМ со десетици проекти за секој од седумте приоритети како што вие ги имате насловено. Колку оваа програма реално може да се исполни во тригодишниот мандат коишто претстои доколку бидете избрана за ректор?
Јас веќе на дебатата што ја организираше Независниот академски синдикат позитивно одговорив на едно конкретно прашање: „Дали ќе си дадете оставка ако во првите две години не реализирате барем половина од програмата?“. Со сето мое искуство, како професор, научник и актуелен проректор, во програмата предложив проекти кои ќе се исполнат во наредниот тригодишен период ако сум избрана за ректор.