Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 мај.
Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница (втор ден)
Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е 5 јуни.
Свети Бонифациј
Денешниот покровител е Бонифациј, англосаксонски бенедиктинец, мисионер, „апостол на Германија“. Роден е околу 672 година како Винфрид (Винфрит, Винфрит) во англискиот град Кредитон (Девон), кога христијанската култура во Англија била во полн цут. Тој бил израснат во бенедиктинските манастири Ексетер и Нурслинг, во кралството Весекс, а самиот станал бенедиктински монах. Веќе во 716 година, тој отиде како мисионер во Фризија, но наскоро се врати во Англија. Папата Григориј II. го испратил во 719 година како евангелист кај германските племиња. Потоа го зел и монашкото име Бонифациј. По успешните мисии во Тирингија, Фризија и Хесен, папата го осветил за епископ во Рим во 722 година. Основал бенедиктински опатии, машки и женски манастири во Германија, основал и организирал епархии (Фрајзинг, Регенсбург, Салцбург, Вирцбург, Ерфурт). Во неговите напори многу му помогнал франкискиот владетел Чарлс Мартел, дедото на Карло Велики. Германската економија, култура и уметност во голема мера се засноваат на самите темели што ги постави свети Бонифациј. Неговата омилена дарба беше манастирот во Фулда (Хесен), почетна точка за многу мисионерски патувања во германските земји. Како прв архиепископ на Мајнц (од 745 година), тој ја реорганизирал црквата и свештенството во државата Франки, а во 751 година го помазал Пипин за крал на Франките.