Со поделба на едукативни летоци и пораки за поголема внимателност во сообраќајот, МВР и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска во Скопје го одбележаа Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
Активноста се одржа кај фонтаната во Градскиот парк, а целта беше да се подигне свеста за одговорно учество во сообраќајот, почитување на правилата и намалување на бројот на сообраќајни несреќи и жртви на патиштата.
Под мотото „Заедно, со одговорно однесување во сообраќајот, да придонесеме за патишта без жртви!“, полициските службеници и претставниците на РСБСП им делеа на граѓаните летоци со превентивни пораки и апели за поголема грижа за сопствената, но и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
Во рамки на акцијата беше упатен и потсетник дека од денеска, 15 ноември, стапува во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.
Од МВР и РСБСП апелираат возачите да ја приспособат брзината и начинот на возење на временските услови и состојбата на патиштата.