Полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода 79-годишниот К.Р. од охридското село Коњско, откако претходно предизвикал сообраќајна незгода во која оштетил шест паркирани патнички автомобили, а потоа го напуштил местото и продолжил да управува со возилото.
Како што соопшти МВР, настанот се случил на 25 јуни околу 12:20 часот на булеварот „Туристичка“ во Охрид, каде К.Р., управувајќи патнички автомобил „мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, удрил во шест паркирани патнички автомобили.
По преземени мерки, тој бил пронајден на улицата „Питу Гули“ во Охрид, каде бил лишен од слобода.
При извршеното алкотестирање, кај него биле утврдени 1,51 промили алкохол во крвта, по што му биле одземени возачката дозвола и сообраќајните документи, а тој бил исклучен од сообраќај.
По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.