Уставниот суд не поведе постапка за оценување на Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации

ustaven
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Уставниот суд информира дека не поведе постапка за оценување на уставност на  Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации опфатен во предметот У.бр.22/2023, што значи овој овие законски измени остануваат во правниот промет.

 


Уставниот суд оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека оспорените измени и дополнувања се во спротивност со членот 16 од Уставот кој ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата како и слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободно основање на институции за јавно информирање, како и ставот дека цензурата е забранета.

 

Ценејќи ги овие наводи Судот како релевантен го зема членот 54 од Уставот во којшто е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата јавното изразување на мислата и вероисповеста.

 

Уставниот суд оцени дека апсолутност и неограниченост на овие слободи не значи дека е дозволено тие да бидат злоупотребени, во смисла на нарушување на јавниот ред и мир, повреда на достоинството и интегритетот на личноста, како и доведување во прашање на слободите и правата на другите граѓани.

 

Судот оцени дека е погрешно толкувањето и заклучокот на подносителот на иницијативата дека со оспорените законски измени е воведена цензура на неприкосновените слободи и права на здружување и на основање на здруженија.

 

Во делот кој се однесува на барање за мислење од Комисијата за употреба на имиња при Министерството за правда, Судот цени дека не се губи веќе стекнатото право на здружување, туку се определува начин на основање на здруженија и фондации со утврдување на конкретни граници за употреба на имиња на историски личности кои нема да предизвикуваат нетрпеливост, нарушување на јавниот ред и мир и дополнителен услов за опстојување на оние организации кои се веќе регистрирани, што е право на законодавецот.

Станува збор за усогласување на веќе регистрирани организации со новите законски измени и поставување на еднакви законски правила за сите здруженија на граѓани и фондации, што е во функција на воспоставување на единствен, а не двоен правен режим во поглед на условите при регистрирање на овие организации.  Оттука произлегува оправданоста на одредбите со кои се бара во легитимен рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон, да ги усогласат своето име/ или назив, програма, цели и дејности согласно одредбите.  Поради тоа Уставниот суд оцени дека нема повратно дејство во смисла на значењето на уставната забрана за таквото дејство на законите и другите прописи.

 

Подносител на иницијативата: м-р Зоран Стојановски, адвокат

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK