Тројца српски државјани се здобиле со тешки телесни повреди, а две лица се полесно повредени во сообраќајна несреќа што се случила вчера попладне на патот Битола–Прилеп, кај местото викано „Петилеп“.
Несреќата била пријавена во 17:09 часот во СВР Битола, а во неа учествувале патничко возило бмв со српски национални ознаки, управувано од 46-годишниот Б.С. од Белград, и патничко возило опел со битолски регистарски ознаки, управувано од 48-годишниот З.М. од селото Свето Тодори, Општина Могила.
Во судирот, тешки телесни повреди се здобиле возачот на бмв-то и неговите сопатници, 46-годишната К.С. и 15-годишен малолетник, сите од Белград. Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Битола.
Возачот на опелот и неговиот 31-годишен сопатник М.В. од Битола, исто така, се здобиле со телесни повреди.
За случајот бил известен јавен обвинител, а увид на местото на несреќата извршила увидна екипа од СВР Битола.