– Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека е поднесено обвинение против 29-годишен скопјанец, против кого се води постапка за кривичните дела „разбојништво“ и „тешка кражба“.
– Обвинетиот, на 13 април, заедно во договор со непознато женско лице, со употреба на сила и закана одзеле предмети од еден оштетен. Жената му се доближила на оштетениот пред зградата во која живеел и го прашала дали сака да му го чисти станот. Тој и кажал дека во моментов нема потреба за тоа и тргнал кон станот. Но, во моментот кога влегувал дома, двајцата неповикани влегле по него, при што обвинетиот го турнал оштетениот и со влечење го однел во една од собите. Му се заканил со нож и побарал од него да му ги даде парите. Пребарувајќи низ станот, одзеле паричник со 2.250 денари, два мобилни телефони, рачен часовник и други предмети, во вкупна вредност од околу 21.750 денари, велат од ЈО.
Тој претходно, на 15 април, на улицата „11 Октомври“ во Скопје, на дрзок начин одзел паричник со 2.000 денари од оштетена која во тој момент влегувала во својата зграда.
Од Јавното обвинителство информираат дека надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, бидејќи таквата мерка се уште е неопходна за непречено водење на кривичната постапка.