Поднесена кривична пријава против 15 физички и три правни лица за „злосторничко здружување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“

mvr_768687676
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе кривична пријава против 15 физички лица и три правни лица, и тоа против 11 физички лица за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ по чл. 394, од кои против девет за сторено кривично дело „даночна измама“ по чл. 279-А ст. 2, додека едно лице освен за овие две дела, заедно со уште четири физички и три правни лица се сомничат дека сториле кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ по чл.273 од Кривичниот законик.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе предложи определување на мерката притвор за тројца осомничени, додека за останатите ќе предложи други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката.


Инаку, тројца од пријавените, меѓу кои и раководно лице од УЈП, информираа од МВР,  во септември 2020 година организирале злосторничко здружување кон кое подоцна се приклучиле уште осум лица, меѓу кои и двајца вработени во УЈП. Останатите управители или сопственици на правни лица, во текот на 2020 и 2021 година на организиран начин преку осум правни лица од Скопје издавале фиктивни фактури и генерирале фиктивни барања кон УЈП за поврат на данок, со што ги сториле споменатите кривични дела и се стекнале со противправна имотна корист на штета на буџетски средства. Прво и второпријавениот, иако не се сопственици, управители и овластени лица на сметките на правните субјекти, појаснуваат од МВР, тие реално управувале, координирале и давале инструции за постапување, а за активностите го известувале третопријавеното раководно лице од УЈП.

– Оваа организирана криминална група правните субјекти ги користела за издавање на лажни фактури едни кон други, без да постојат реални деловни активности, и врз основа на овие фактури до УЈП биле доставувани ДДВ – даночни пријави, со цел неосновано побарување на поврат на данок т.е. врз основа на овие фактури била прокнижувана аконтација која понатаму се користела за пребивање на даночни долгови, кои трети лица, исто така правни субјекти, ги имале како обврска кон УЈП. Овие правни лица биле користени како даночни гаранти така што со даночни должници биле склучувани договори согласно кои осумте правни лица биле даночните гаранти и за тоа ги користеле нереалните даночни аконтации кои ги имале кон УЈП. Организаторите за целата оваа осмислена шема за возврат добивале стока, движен и недвижен имот како луксузни возила, станови и сл., кои подоцна ги препродавале на трети лица со што противправно се стекнувале со материјална корист, соопштија од МВР.

Додаваат дека оваа криминална група преку четири правни лица од Скопје, во периодот од 2020 до 2021 година, со склучување на договори за даночни гаранти, неосновано, на штета на буџетските средства пребиле данок во вкупен износ од 51.626.637 ден. (или 837.458 евра), при што дел од нелегално стекнатите парични средства преку повеќе трансакции биле искористени за купување на недвижен имот во вкупна вредност од околу 150.000 евра на име на еден од пријавените, син на третопријавениот, а дел биле пуштени во легалните финансиски текови преку повеќе готовински уплати и трансакции по основ на наводни позајмици.

Дел од нелегално стекнатата имотна корист, третопријавениот ја легализирал преку пријавените овластени лица на банкарските сметки на правните субјекти и пријавените правни лица, преку повеќе меѓусебни трансакции.

– Третопријавениот на овој начин легализирал и износ од 15.259.870 ден. (или 248.128 евра), при што уплати на сметка на едно од пријавените правни лица по основ на „дневен пазар“ во повеќе трансакции по основ на „позајмица“ биле трансферирани на сметката на другото пријавено правно лице. Овие средства понатаму, од страна на правното лице биле користени за откуп на девизи, плаќање на фактури кон домашни и странски правни лица за увоз или набавка на стока, а дел од средствата, односно 110.000 ден. (или 1.789 еур) биле префрлени на сметка на синот на третопријавениот, се наведува во соопштението.

Со сите овие инкриминирачки дејанија, оваа криминална група на организиран начин ги сторила кривичните дела опфатени во кривичната пријава, со што членовите на оваа група за себе прибавиле противправна имотна корист, а на буџетските средства била нанесена штета во вкупен износ од 51.626.637 ден. (или 837.458 евра).

Инаку, утрово се спроведени претреси на седум локации, при што од слобода се лишени три лица кои ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка. При претресите се запленети мобилни телефони и документација, а при претресите на две локации беа пронајдени и запленети вкупно 35 куршуми, од кои осум куршуми со калибар 6,5 мм, 10 куршуми со калибар 7,65 и 17 куршуми со калибар 9 мм, при што дополнително се приведени две лица, за кои по документирање на случаите ќе следува соодветна пријава.

Од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија информираа дека по повеќемесечна предистражна постапка координирана од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска од страна на МВР е реализирана акција и по поднесената кривична пријава, предметниот обвинител донел Наредба за спроведување на истражна постапка против 15 лица.

– Врз основа на спроведените предистражни дејствија постои основано сомнение дека осомничените сториле кривични дела и тоа: 11 лица сториле кривично дело Злосторничко здружување од чл.394, од нив деветмина се осомничени дека сториле и кривично дело Даночна измама од чл.279-а, додека третоосомничениот освен за овие две кривични дела, заедно со останатите четворица осомничени и осомничените правни лица се товарат дека сториле кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик, додаваат од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија .

Појаснуваат дека во текот на октомври 2020 година, во угостителски објект во Скопје, тројца од осомничените, запознавајќи се преку заеднички пријател, формирале злосторничко здружување заради вршење на кривичното дело даночна измама.

– Притоа ги поделиле своите улоги, па така, првоосомничениот го користел својот должничко доверителски однос со едно правно лице, а второосомничениот бил задолжен да наоѓа фиктивни правни лица и да формира нови правни лица преку кои ќе генерираат фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи. За таа цел на располагање имале осум правни лица со кои реално, но не и формално управувале. Како раководно лице во УЈП, третоосомничениот иако немал надлежност, од вработените во УЈП, електронски добивал известувања и постојано бил во тек со фиктивниот поврат на незаконски средства врз основа на одобрени барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок и тоа исклучиво за фиктивните даночни гаранти, соопштија од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.

Подоцна како членови на злосторничкото здружување се приклучиле уште осуммина осомничени при што двајца од нив имале задача да учествуваат во подготовка на потребната документација за формирање и промени во правните лица и подготвување на потребната документација за даночните пријави, како и за склучување на Договори за пребивање на данок со фиктивните гаранти. Шестоосомничената пак, како сметководител на дел од правните лица со кои располагале организаторите на здружувањето, била задолжена да ја подготвува фиктивната документација на правните лица до УЈП за даночната пријава ДДВ 04, а заради добивање на нелегален поврат на парични средства од данок на додадена вредност од УЈП. Двајца осомничени – вработени во УЈП, имале задолжение да ги одобруваат барањата за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок на правните лица, а тројца осомничени – управители на дел од правните лица, имале задача како даночни гаранти на даночни должници да склучуваат договори преку кои за возврат добивале стока – гориво, движен имот – луксузни возила или недвижен имот – станови, кои подоцна ги препродавале на трети лица, со што противправно се стекнувале со парични средства во готовина, па врз основа на таквите фиктивни договори издавале невистинити фактури, со пресметан ДДВ, едни кон други, а потоа доставувале барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок до Управата за јавни приходи.

– Во временскиот период од 01.01.2021 година до 12.10.2021 година, во Скопје, третоосомничениот и останатите четири осомничени лица, како и осомничените правни лица, со намера да го прикријат потеклото на паричните средства, пуштиле во оптек пари во вкупен износ од 24.484.870,00 денари, за кои знаеле дека потекнуваат од кривично дело – Даночна измама. Така, откако третоосомничениот ќе ги добиел парите од кривичното дело, дел ги пуштал во промет во име и корист за неговиот син, кој исто така е осомничен во овој предмет. Притоа во име и корист за неговиот син бил купен недвижен имот – деловен простор со површина од 102 м2 во вкупна вредност од околу 150.000 евра и на име позајмица од осомничените правни лица во повеќе наврати, за оваа цел, му биле префрлани парични средства. Нелегални пари во износ од 15.259.870,00 денари, третоосомничениот со цел да ги легализира ги дал во готово на осомничено овластено лице кое пак во повеќе наврати, како дневен промет ги внело на сметките на своето правно лице, а потоа повторно во повеќе наврати – трансакции, на име на позајмица биле префрлени од неговото осомничено правно лице на осомниченото правно лице сопственост на синот на третоосомничениот, се појаснува во соопштението од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK