Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска околу 13 часот кај клучка Неготино, лишен е од слобода скопјанец откако во неговото возило биле пронајдени двајца мигранти. Лицето било сопрено од полициска патролна служба откако претходно не застанал на даден знак за запирање од страна на друга патролна служба кај клучка Демир Капија.
– Денеска во 12.30 часот кај клучка Демир Капија од страна на патролна служба од Полициската станица за граничен надзор Михајлово на даден знак за запирање на патничко возило „алфа ромео“, со скопски регистарски таблички, возилото не сопрело туку продолжило да се движи во правец на Неготино. По преземени активности во 12.50 часот кај клучка Неготино, од страна на друга патролна служба на Полициска станица Михајлово возилото е сопрено и во него се пронајдени 2 лица мигранти од Сирија, стои во соопштението.
Од МВР велат дека А.Н. од Скопје, кој го управувал возилото, е лишен од слобода, за случајот е известен Јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе биде поднесен соодветен поднесок, а мигрантите ќе бидат пренесени во прифатно-транзитен центар.