Крвава пресметка се одиграла на 23 април по полноќ пред угостителски објект на улица „50 Дивизија“ во Скопје. 25-годишно момче со нож избодело друго лице, по кратка расправија.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за обид за убиство.
„Осомничениот 25-годишник, на 23 април по полноќ, со умисла се обидел да лиши од живот друго лице пред угостителски објект. Кратка вербална расправија во угостителскиот објект прераснала во физичка пресметка меѓу нив. Оштетениот го нападнал осомничениот и во тој момент осомничениот извадил нож и му задал неколку убоди на оштетениот во градниот кош, грбот и стомакот, нанесувајќи му убодни рани. По укажана лекарска помош, оштетениот е пуштен на домашно лекување“, соопшти Обвинителството.
Од МВР соопштија дека А.Ч. од Скопје е уапсен затоа што на 23.04.2026 пред угостителски објект на ул. „50 Дивизија” со нож му нанел убодни рани на А.Ѓ..
„Веднаш по добиената пријава за настанот, полициски службеници презедоа соодветни мерки и активности и случајот е во целост расчистен. Напаѓачот е лишен од слобода, а од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, во координација со ОЈО Скопје, е поднесена кривична пријава по итна постапка против А.Ч. за кривично дело обид за убиство“, информира МВР.
Од страна на судија на претходна постапка, на уапсениот му е определена мерка куќен притвор во траење од 30 дена.