Полициски службеници од СВР Куманово денеска (15.07.2026) ги лишија од слобода А.С.Д. (22) и М.В. (34), двете од Куманово, и против нив СВР Куманово поднесе кривична пријава и тоа, против А.С.Д. поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „измама“ по чл.247 ст.4 од КЗ и „злоупотреба на лични податоци“ по чл. 149 ст.1 од КЗ и против М.В. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ по чл.24 од КЗ, соопшти полицијата.
Првопријавената А.С.Д., со директна умисла и однапред создаден план, со намера за себе и за второпријавената М.В. да прибави противправна имотна корист, во период од јануари до јули 2026 година во вкупно 19 наврати, со лажно прикажување и свесно прикривање на вистинските факти, довела и одржувала во заблуда 19 лица, така што без нивна согласност и овластувања, злоупотребувајќи и користејќи ги нивните лични податоци, во нивно име аплицирала за брзи потрошувачки кредити, а по одобрувањето и исплатата на парите, тие биле противправно присвојувани од страна на А.С.Д. и М.В..
Второпријавената М.В., постапувајќи по претходен договор, и помогнала на А.С.Д. во извршувањето на кривичното дело преку преземање на дејствија што овозможиле реализација на измамата.
При тоа, се стекнале со противправна имотна корист од 10.820.000 денари.