Бројот на загинати во излетувањето на воз од шините во јужен Пакистан се искачи на 30, додека бројот на повредени на 60, а спасувачките операции се уште се во тек, соопштија денеска официјални лица.
Возот патувал од Карачи до Равалпинди кога сите 10 вагони излетале од шините во близина на железничката станица Сархари во близина на Навабшах, во јужната провинција Синд.
Полициски претставници потврдија дека досега се пронајдени 30 тела, додека 60 повредени се извлечени, од кои некои се во критична состојба. Велат дека бројот на загинати може да се зголеми бидејќи спасувачката операција продолжува.
Локалната телевизија покажа дека спасувачките екипи извлекуваат жени, деца и постари патници од оштетените и превртените вагони.
Официјални лица рекоа дека спасувачките тимови ги префрлиле повредените патници во блиската болница во Навабшах.
Висок официјален претставник на железницата изјави дека поради несреќата биле прекинати железничките линии на главната железничка пруга. На патниците ќе им се обезбеди алтернативен аранжман за патување и медицинска нега.
Министерот за железници Каџа Сад Рафик изјави дека несреќата може да биде предизвикана од механички дефект или последица на саботажа. Тој рече дека истрагата е во тек.
Железничките несреќи често се случуваат на лошо одржуваните пруги во Пакистан, каде што комуникациските и сигналните системи од колонијалната ера не се модернизирани, а безбедносните стандарди се лоши.