Владата на денешната седница, донесе Одлука за почнување на постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија.
Од Владата велат дека изборот на универзален снабдувач е во согласност со Законот за енергетика, заради остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи поврзани на електроенергетскиот систем на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија.
„Универзалниот снабдувач ќе биде должен да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи кои се наоѓаат на подрачјето на кое има обврска да обезбеди универзална услуга и кои избрале да бидат снабдувани од него, во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување. Универзалниот снабдувач, согласно законот, ќе биде должен да обезбеди универзална услуга за период не подолг од 5 години“, се вели во владиното соопштение.
Во следниот период, ќе се подготвува тендерската документација и јавниот повик со цел заштита на интересите на граѓаните и малите потрошувачи.