Владата одлучи да го продолжи важењето на мерките за намалување на ценовниот притисок и заштита на животниот стандард на граѓаните до 1 јуни годинава. Одлуката била донесена на денешната вонредна владина седница, а ја соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска преку објава на социјалните мрежи.
Според неа, продолжувањето на мерките има за цел да обезбеди стабилност и предвидливост во услови на економски предизвици и нестабилности на светските пазари на енергенси.
„Како Влада и Министерство за финансии обезбедуваме стабилност и предвидливост, намалување на инфлаторните притисоци, поддршка на економијата и зачувување на стандардот на граѓаните“, напиша Димитриеска-Кочоска.
Со новата одлука, и во следните две недели ќе продолжи примената на пониските акцизи за горивата, како и намалениот ДДВ за бензините од 18 на 10 проценти. Претходната мерка требаше да истече на 18 мај.
Во понеделник истекува и рокот на попустите што ги обезбедува ОКТА, која на најголем дел од бензинските станици во земјава даваше попуст од три денари за литар дизел и два денари за бензините.
Од Владата посочуваат дека мерките се дел од пошироките активности за амортизирање на економските удари врз граѓаните и стопанството во период на глобална економска неизвесност.