Македонија е подобра од европскиот просек во однос на намалената употреба на ѓубрива и пестициди, широкопојасната интернет покриеност во руралните средини и емисијата на стакленички гасови, но не и во однос на органското производство, диверзитетот и заштитените подрачја, покажува најновиот извештајот на Светска банка за макдонското земјоделство.
Извештајот „Зелен раст во секторот земјоделство во Северна Македонија“ што беше презентиран денеска, укажува и дека фармерите во земјава имаат ограничени претприемачки способности и технички познавања, а ограничени се и финансиски, што ја лимитира нивната ликвидност за инвестиции и раст.
Светска банка препорачува Северна Македонија да ги усогласи политиките за развој на земјоделскиот сектор за да се приближи кон целите на Европскиот зелен договор, да ја синхронизира државната поддршка со европското аки (acquis), да ги отстрани бариерите и да креира услови за развој на органско земјоделство, како и на органските фармери да им овозможи подобар пристап до пазарот.
Неопходно е, како што беше речено на презентацијата, и да се поддржи усвојувањето на паметните практики од страна на агробизнисите и фармерите за да се овозможи континуиран пристап до ЕУ пазарите и европските фондови, но и за да се зголеми отпорноста на земјоделскиот сектор, посебно кон климатските промени.
Во однос на квалитетот на ѓубривата и начинот како тие и пестицидите се користат, Светска банка констатира дека земјоделците не се потпираат многу на експертски информации, како и дека е слаб административниот капацитет за следење, анализа и давање совети.
-Напредокот во органското земјоделство е бавен, има ограничена поврзаност меѓу производителите и обработувачите, а и пристапот до пазарите не е многу лесен. Кај употребата на ѓубрива видлив е падот, односно намаленото користење кое е недалеку од целта за 2030 година, додека кај пестицидите има нејасностии околу недостапноста на податоците, но се чини дека земјата и по овој параметар е подобра од просекот на ЕУ. Сепак, само пет до 10 отсто од земјоделците ја документираат употребата на ѓубрива, а повеќето користат ѓубрива без анализа на почвата. Во однос на примената на пестицидите, потребен е подобар советодавен и построг инспекциски систем, рече Деметрис Псалтопулос, виш експерт за земјоделска политика во Светска банка.
Според Силвиа Маури, виш специјалист за земјоделство при секторот за земјоделство и храна на Светска банка, Северна Македонија треба да воспостави транзиција кон зазеленување.
Временските услови се повеќе од посакувани за земјоделците, за почнување на подготовките на површините за претстојната есенска сеидба кои доцнат пред се поради недостигот на влага во почвата.
-Земјата ова мора да продолжи да го прави за да биде поконкурентна. Тоа во агросекторот ќе овозможи одржлив и инклузивен развој. Пренамената на јавната поддршка е клучна за да се овозможи земјоделски раст, а во однос на структурната трансфорамација, многу е важно да се инвестира во средства. Земјата треба да го развива земјоделско-прехранбениот сектор со фокус на економијата и создавање нови работни места. Неопходен е фокус и на јавните институции, истакна Маури.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски кој имаше воведно обраќање на настанот, рече дека ваквите извештаи ги одразуваат амбициите на Северна Македонија за зелен раст, потребите за структурни реформи, мерките за заштита од влијанието на климатските промени, усогласувањето на стандардите за безбедност на храна со европските стандарди, контролираната употреба на пестициди и ѓубрива, како и можностите за дигитална трансформација.