11.05.2026, Скопје: Социо-економските студии изработени од Економскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје по повод 20 годишнината на ЕВН на македонскиот пазар ја потврдуваат значајната улога на компанијата во развојот на македонската економија и енергетскиот сектор.
Според анализите, целокупната остварена добивка во изминатите 20 години останала во земјата и е реинвестирана во националната економија. Во студијата се заклучува дека ниту едно евро не е исплатено кон матичната компанија, наспроти просекот на странските инвеститори во земјата што во просек 70% од добивката ја трансферираат надвор од земјата. Имено, 100% од добивката на ЕВН Македонија се насочуваат кон нови инвестиции и развој на локално ниво, целосно се реинвестира во модернизација на електродистрибутивната мрежа, воведување современи технологии, инвестиции во обновливи извори на енергија, дигитализација и континуирано унапредување на услугите за корисниците.
Во рамки на промоцијата на студијата за социо-економското и енергетското влијание на ЕВН во Македонија, на 29 април во Скопје се одржа и панел-дискусија модерирана од проф. д-р Никица Мојсова-Блажевски. Во дискусијата учествуваа проф. д-р Кирил Јовановски и проф. д-р Александра Јанеска-Илиев од Економски факултет – Скопје, како и проф. д-р Александра Крколева-Матеска и проф. д-р Мирко Тодоровски од ФЕИТ.
Панелистите ги истакнаа клучните показатели што го дефинираат развојот на компанијата во изминатите две децении и посочија дека во наведениот период ЕВН Македонија реализирала вкупни инвестиции од 837,46 милиони евра, при што за секое едно евро потрошено за набавки од страна на компанијата, македонската економија генерира дополнителни 0,58 евра вредност. Воедно, изградени се 5.561 километри нова и реконструирани 3.056 километри постојна мрежа, како и 1.368 нови и 1.761 модернизирани трафостаници. Студијата ги нотира и позитивните трендови во корпоративното управување и дигитализацијата, при што учеството на жени на раководни позиции достигнува 29,1%, загубите во мрежата се намалени од 24 % на 14%, а речиси половина од сите трансакции, односно 49,7%, се реализираат преку дигитални канали.






