ССК: Со данокот на солидарност опфатени иновативните, успешни компании, а не и банките кои остваруваат огромни профити

evra
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Данокот на солидарност ќе значи дополнително финансиско оптоварување за компаниите, а неговата ретроактивна примена може да биде и законски проблематична, предупреди денеска Сојузот на стопански комори (ССК).

Според ССК, на бизнисот му треба предвидливост во даночната регулатива, а наместо да се зголемуваат, даноците треба да останат конкурентни како во останатите земји во регионот.


-Апострофиравме неколку клучни поенти во однос на законот за данок на солидарност. Не може да оданочувате компании кои биле иновативни, кои имале квалитетни решенија во периодот на кризата и кои инвестирале. Тие што се успешни, практично ги оданочувате, а има компании кои со оној праг од 20 отсто секоја година имаат огромни профити, но законот за солидарен данок не ги опфаќа, како банките, конкретно, изјави потпретседателот на ССК Горан Ѓорѓиевски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Потпретседателот на ССК Орце Симов, пак, потсети дека законот за солидарен данок ќе важи ретроаткивно што е несосодветно, зашто компаниите не можат да си ги планираат финансиите и начинот на работење.

-Ние како стопанство сме генерално против зголемување на кои било даноци и бараме да има даночна предвидливост. Во овој случај не само што нема предвидливост, туку и ретроактивно би важел тој данок, да се донесе на средината на 2023 годината, а да важи од 1 јануари 2022 година. Тоа може да биде и законски проблематично, компаниите што ќе бидат оданочени по тој закон може да добијат некои судски процеси и ќе треба тие средства со каматите да се вратат назад. Бараме да има предвидливост во даночната регулатива, однапред да се знае колкави ќе бидат даноците и да не се зголемуваат, туку да останат конкурентни како во останатите земји во регионот, напомена Симов.

Недостатокот на човечки ресурси и ликвидноста се двата клучни проблема што ги посочиле претставниците од ССК на средбата со Мицкоски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK