Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) го отвори Третиот повик за изразување интерес и поканува апликанти од сите економии и сите економски сектори од Западен Балкан, заинтересирани конзорциуми на установи за стручно образование и обука и претпријатија посветени на заедничка имплементација на проекти за кооперативна обука, да аплицираат до 7 јули 2023 година до 23:59 часот.
Изјави за изразување на интерес, како што посочуваат од РЦФ, можат да поднесат конзорциуми составени од установи за стручно образование и обука и најмалку две претпријатија, кои заедно подготвуваат и реализираат програми за дуално образование или кооперативна обука.
– Германското Федерално министерство за економска соработка и развој намени 64,43 милиони евра за РЦФ, а Владата на Швајцарија преку Швајцарската агенцијата за развој и соработка (СДЦ), вложи дополнителни 9,7 милиони швајцарски франци. Средствата се доделени на Германската развојна банка (КфВ), a проектот се спроведува од Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6 (ВБ6-ЦИФ), заедничка иницијатива на Стопанските комори од регионот, се вели во соопштението.
Првиот и вториот повик привлекле повеќе од 300 апликации за изразување интерес од сите економии на Западен Балкан 6. Со процесот на селекција биле избрани 63 проекти за финансирање, одвојувајќи приближно 27 милиони евра за инвестиции во опрема, инфраструктура и обука кај давателите на стручна обука и партнерските претпријатија.
Повикот е објавен на Годишната регионална конференција на Регионалниот фонд за предизвици, вчера, каде што се разговарало за неодамнешните трендови и предизвици во развојот на човечкиот капитал во Западен Балкан, како и за теми за привлекување ученици кон програмите за кооперативно стручно образование и обука (ЦОО), иновации и дигитализација во ЦОО и зелени иницијативи во ЦОО.
– Ние веруваме дека со проектот РЦФ ќе можеме да најдеме ефикасен начин за подобрување на условите за стручно образование и обука и да понудиме фер можности за вработување на младите од регионот, особено за младите жени да можат да ја земат својата иднина во свои раце, изјави Хајке Бакофен-Варнеке, раководителка на Одделот за Југоисточна и Источна Европа и Јужен Кавказ при германското Федерално министерство за економска соработка и развој (БМЗ), на Годишната регионална конференција на Регионалниот фонд за предизвици.
Лулзим Рафуна, претседател на Управниот одбор на КИФ изјави дека РЦФ преку зајакнување на давателите на обуки придонесува да се зголемат вештините на работниците во согласност со потребите на бизнисот во соодветните сектори, што, како што вели, е најголемиот придонес што може да се направи за општеството со долгорочни придобивки за целиот Западен Балкан.
Заменик-шефот за соработка на Амбасадата на Швајцарија во Србија, Дерек Џорџ, во име на Швајцарската агенцијата за развој и соработка посочил дека Швајцарската агенцијата за развој и соработка промовира различни пристапи за обука за соработка низ Западен Балкан, со една заедничка карактеристика – зближување на јавните и приватните чинители, со цел да се зајакне релевантноста на пазарот на трудот и квалитетот на пренесените вештини, да им се обезбедат вештини на младите кои им се потребни за вклучување на пазарот на трудот.
– Соработката помеѓу Германија и Швајцарија, кои го коосноваа Комитетот на донатори за дуално стручно образование и обука, доаѓа природно, бидејќи ги делиме истите цели, рече Џорџ.
РЦФ претставува финансиски инструмент кој има за цел да ја зголеми вработливоста на младите и да ја поттикне конкурентноста на претпријатијата во економиите од Западен Балкан 6 преку финансирање на инвестиции во опрема и инфраструктура за избрани кооперативни проекти или проекти за стручно и дуално образование, кои се спроведуваат по пат на партнерства помеѓу установите за стручно образование и обука и претпријатијата. Грантовите се доделуваат преку натпревар на регионално ниво.