Зајакнување на позициите на пазарите, градење препознатлив бренд со географска индикација и успешна трансформација кон органско производство се основите за успех на македонската винска индустрија. Ова се современите трендови во глобалната винска индустрија, кои мора да се применат за да се задржи конкурентноста. До каде се овие процеси и кои се клучните активности што се преземаат беа главните теми на конференцијата „Органска трансформација – предизвици и потенцијали“, што се одржа во М6 Едукативниот центар, во организација на здружението „Вина од Македонија“.
Присутните на конференцијата ги поздрави Eлена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“, која ги истакна: значењето на одржливото производство на грозје и вино, воведувањето стандарди, како и растечките трендови на производство и потрошувачка на органското вино, како едни од најважните фактори за поголема конкурентност на странските пазари и додаде дека заедничкиот настап на пазарите наметнува и заеднички стандарди и квалитет на сите производи од земјата.
Елизабета Крстевска, од одделението за органско производство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги презентираше најавените измени на Законот за вино кои се однесуваат на органското производство, како и состојбата и статистиките за органско производство. Својата експертиза и искуство за органското производство ја сподели и Кристина Микелони, координатор на Научниот одбор при Италијанската асоцијација за органско земјоделство, која презентираше корисни алатки за органското лозарство и винарство, а за научниот пристап во трансформацијата на лозовите насади кон органско производство зборуваше Џовани Бигот, основач на институтот „Перлеуве“ од Италија и водечки светски истражувач и промотор на иновации во лозарството.
На панел-дискусијата што се одржа во рамки на конференција, претставниците на македонскиот вински сектор и на лозарите ги споделија своите искуства и практики во процесот на органско производство на грозје и вино. За искуствата и позитивните практики во процесот на трансформација кон органско производство зборуваше и Александра Ристовска, менаџер на одделението за лозови насади во винарската визба „Тиквеш“. Имајќи предвид дека, со производство на органско вино на поседот „Domaine Lepovo”, ВВ „Тиквеш“ е на напредно ниво во овој процес, ваквото знаење и искуство се споделува со лозарите и со другите винарници со цел сите да создадат што подобар модел за нивна успешна трансформација кон органско производство. Васка Мојсовска од „Националната федерација на фармери” ги охрабри сите присутни да размислуваат да почнат да произведуваат одржливо и органско грозје, затоа што само така ќе можат да обезбедат сигурен пласман и повисоки цени. Горан Колев од „Процерт”- национално сертификационо тело, го објасни процесот на сертификација и предностите за сертифицирање во органско производство.
Конференцијата е дел од проектот „Географска индикација за производство на вино во Република Македонија“, чија главна цел е зајакнување на техничките и организациските капацитети на винскиот сектор за воспоставување на функционален систем за географска индикација. Проектот го спроведуваат „Вина од Македонија“, ВВ „Тиквеш“ и Германското друштво за меѓународна соработка (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit – GIZ). Географската ознака е од големо значење за македонската винска индустрија и за нејзиниот развој. Таа го претставува потеклото, географскиот регион, односно утврдувањето на територијата на потекло на виното како регион или локација од таа територија. Покрај тоа, овој термин опфаќа и квалитет, репутација и други карактеристики на виното, што тоа ги добива како резултат на географската индикација.