Quantum, Светскиот форум за хотелска технологија, денес во Холидеј Ин Скопје на едно место ги обедини сите оние што работат со хотели и сместувачки капацитети, но и туристички агенции, како и иноватори и технолошките компании во областите на вештачката интелигенција, cloud технологиите и дистрибутивните канали.
Организиран од НАИТМ – Националната Асоцијација за дојдовен туризам на Македонија форумот испрати јасна порака дека македонскиот туризам влегува во фаза на дигитална конкурентност, и дека македонските капацитети треба да користат дигитални алатки и решенија што директно влијаат на продажбата, видливоста, ефикасноста и профитабилноста.
Настанот официјално го отвори г. Аккан Махмут, советник за туризам на Премиерот на Р. Северна Македонија, а го модерираа со многу чувство и прагматизам претседателот на НАИТМ г. Влатко Сулев и Горјан Варбанов ко-основачот на Quendoo.
Заедничка порака од сите говорници беше дека ваквите настани и ваквите платформи не носат туристи автоматски, туку создаваат предуслови за повеќе туристи: обезбедуваат подобра видливост, подобра дистрибуција, повеќе директни резервации, попрофесионално управување и поголема конкурентност на дестинацијата.
Во време кога туристичката индустрија во Македонија се бори да биде поконкурентна на глобалниот пазар, настанот се покажа како многу корисен и од секој аспект ги оправда очекувањата на присутните. Тие имаа можност да се запознаат со корисни информации поврзани со најновите трендови во туристичката индустрија од врвни интернационални и домашни експерти за туризам, да слушнат искуства и знаења кои можат да им помогнат во оптимизацијата и унапредувањето на работата.
Домашните хотели и туристичките компании се здобија со сознанија за алатки и канали преку кои директно може да продаваат како: Google Hotels, OTA, channel management, booking engine, AI и дигитална дистрибуција. Како да бидат повидливи на меѓународниот пазар, да имаат поголема продажба и помала зависност од посредници. Се отвори простор за посилно поврзување на хотелите, агенциите и меѓународните партнери преку современи дистрибутивни и продажни решенија и за вистинска дигитална трансформација. Создавајќи можности туристичкиот сектор да премине од рачни и застарени процеси кон автоматизација, анализа на податоци и подобро управување со приходи и капацитети.
„Особено е значајно што главен организатор на овој форум е НАИТМ – National Association for Incoming Tourism of Macedonia, бидејќи тоа покажува дека токму секторот што секојдневно ја продава Македонија на меѓународниот пазар ја препознава потребата од дигитална трансформација. Македонскиот туризам со овој настан добива пристап до знаење, партнери и технологии што директно влијаат на продажбата, видливоста и ефикасноста. А со Quendoo добива конкретна алатка преку која нашите хотели можат подобро да се продаваат, подобро да се поврзат со партнерите и подобро да управуваат со приходите. Тоа е патот кон посилен, помодерен и поконкурентен туризам.“ изјави г. Влатко Сулев.
Посебен интерес предизвика современата платформа за хотелско работење и оптимизација Quendoo, која веќе може да ја користат домашните хотели и изнајмувачи на вили и апартмани во земјава, а која обезбедува booking engine, channel manager, website generator, B2B marketplace, portal и AI алатки во еден поврзан систем. Хотелите со неа добиваат алатка преку која можат повеќе да продаваат преку сопствените канали, а помалку да зависат од провизии и надворешни посредници, и да имаат подобра видливост на Google Hotels и во дигиталното пребарување. Тоа значи поголема шанса македонските хотели да бидат откриени од потенцијални гости токму во моментот кога бараат сместување, поефикасна поврзаност со тур-оператори и агенции, како и побрза размена на цени, расположливост и резервации, што е особено важно за B2B пазарот и за дојдовниот туризам.
Во таа насока, во соработка со НАИТМ, Швајцарската Програма ИМЕ ќе ко-финансира ваучери кои ќе им помогнат на хотелите и останатите сместувачки капацитети да ги синхронизираат своите системи за управување со дистрибутивните канали и подобар пристап до глобални онлајн туристички агенти. Со ова се подобрува видливоста на понудата, ефикасноста на продажбата и перформансите. Дополнително, Швајцарската програма СИППО помага во градењето на институционалниот капацитет на НАИТМ со цел услугите за дигитализација да бидат континуирани и пошироко да го опфатат туристички сектор. Преку ваквата поддршка, хотелите и сместувачките капацитети добиваат алатки за да бидат поконкурентни, НАИТМ ја зајакнува својата улога како двигател во секторот, а туристичката индустрија станува повидлива, поотпорна и подготвена за иднината – изјави Горан Дамовски, Директор на Швајцарската Програма за Зголемување на пазарната вработливост-ИМЕ
Беа споделени искуства од регионот за хотелски капацитети кои постигнале до 30% раст на директните резервации и до 20% зголемување на нето-приход по резервација откако почнале да го користат Quendoo системот за резервации. Нешто што е посебно важно денес кога повеќе од 70% од светските резервации се прават онлајн, а македонските хотели плаќаат просечно 15–20% провизија на посредници.
Фактот што токму НАИТМ стои зад ваков настан покажува дека дојдовниот туризам во Македонија има професионален сектор што не чека промените да дојдат сами, туку активно создава платформи за модернизација, вмрежување и напредок, создавајќи мост меѓу приватниот сектор, хотелите, туристичките компании, технолошките партнери и институциите.
Настанот беше одлична можност за воспоставување контакти и вмрежување на сите сегменти инволвирани во туризмот.
Форумот е поддржан од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и онлајн економскиот магазин Фактор.мк.