– Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во пресрет на најголемата регионална агробизнис конфренција „Grow up – Силата на земјата“ во Србија, на која министрите од регионот ќе дискутираат за регионалната поврзаност како можност за развој и глобалните проблеми поврзани со климатските промени, изјави дека Северна Македонија, заедно со другите земји во регионот, доживува зголемени влијанија од климатските промени кои го засегаат земјоделството, јави дописникот на МИА од Белград.
– Сведоци сме дека промените на глобалната клима придонесуваат за зголемување на зачестеноста и сериозноста на екстремните временски непогоди како што се поплавите и силните бури. Северна Македонија, заедно со другите земји во регионот на Југоисточна Европа, доживува зголемени влијанија од климатските промени кои го засегаат општеството во целина, но и функционирањето на многу клучни сектори, особено земјоделството. Свесни сме дека природните катастрофи се неизбежни, но изградбата на глобален систем на навремена и точна прогноза на временските и климатските екстреми може да помогне во подобра подготвеност и ублажување на штетните последици од катастрофите, изјави Николовски за „Блиц Бизнис“.
Регионална агробизнис конфренција „Grow up – Силата на земјата“, која ќе се одржи на 31 мај и 1 јуни на Копаоник, ќе собере најеминентни експерти, компании, сопственици на фарми, владини претставници од регионот, институции, универзитетски професори, од кои еден панел е посветен на регионалното поврзување како развојна можност.
Во рамките на тој панел, министрите за земјоделство од регионот ќе зборуваат за предностите или недостатоците на овој вид дејствување. Оваа дискусија е исклучително важна бидејќи глобалните проблеми поврзани со климатските промени во значителна мера се манифестираат и на Западен Балкан, бидејќи Балканскиот и Апенинскиот полуостров, заедно со остатокот од Југоисточна Европа, се најизложени на овие негативни влијанија.