Нема национална развојна стратегија без локален развој и просторно планирање во консултација со граѓаните

Photo_NDS i Prostorno planiranje
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Фиона Симпсон, директор за планирање, архитектура и регенерација во Шкотската влада и Ендрју Кинерд, раководител на трансформирачко планирање во одделението за планирање, архитектура и регенерација во Шкотската влада, како експерти се вклучија во креирањето на делот од Националната развојна стратегија што се однесува на просторно планирање и регионален развој.

 



Кои се најважните фактори што треба да се земат предвид на национално ниво при креирање на национална стратегија за урбанистичко и просторно планирање?

 

Во Шкотска, уште од почеток беше јасно дека нашата стратегија има цел да се справи со глобалната вонредна состојба за климатските промени и еколошката криза, што никогаш претходно не било толку значајно. Тоа сакаме да го постигнеме така што ќе изградиме зелена економија и ќе се избориме со нерамноправноста во општеството. Секако, секоја земја има различни приоритети, но клучно е да се спојат разнообразните програми и стратегии преку просторно размислување за да може да се постави јасна визија за иднината, која ќе даде насоки за развојот што сакаме да го постигнеме во претстојните години.

Тоа што имавме конкретни и сеопфатни приоритети и начела беше од огромна помош така што, стратегијата лесно ја изготвивме врз основа на овие цврсти темели. Уште од почеток сакавме да видиме резултати. Што значи тоа? Сакавме да воспоставиме консензус и да ги вклучиме разните сектори и делови од земјата, особено тие што во крајна линија ќе играат важна улога во спроведувањето на стратегијата.

 

Дали можете да споделите некоја од стратегиите за просторно планирање што вродиле со плод во вашата земја и да нѝ кажете како би можела нам да нѝ биде од корист?

 

Всушност, нашата стратегија има цел да одговори на конкретните предизвици и можности во секој дел од земјата, во согласност со заедничките национални приоритети. Нѝ беше важно да ги утврдиме долгорочните стратешки можности за развој и инвестирање преку националните развојни проекти, и да овозможиме поврзаност во рамки на нашата мрежа на градови, до и од руралните подрачја. Тоа што нашата национална стратегија се здоби со висок статус во законодавството заедно со локалните планови за развој што ги изготвија нашите локални општински власти им придаде важност на овие стратегии и планови во процесот на донесување одлуки за идниот развој во сите делови од Шкотска.

Пристапот во Северна Македонија ќе треба да се приспособи на конкретната ситуација во земјата. Ние сметаме дека овде постојат многу значајни подрачја што првично треба да добијат заштита, како што е Охрид, којшто е дел од списокот на светското наследство на УНЕСКО, како и посебните живеалишта, шумски предели и висорамнини. Во тек се важни инфраструктурни проекти што ќе привлечат повеќе инвестиции, како и рути за трговија што ќе ја поврзат земјата со пазарите од соседните земји. Планот е да се поттикне планиран развој во рамки на мрежата на градови како алтернатива на постојаниот развој во Скопје. Исто така, време е да се идентификуваат капацитетите на земјата за поддршка на инвестициите во производство на обновлива енергија, особено соларна енергија. Од друга страна, од суштинско значење е да се изнајдат соодветни решенија за водоснабдувањето и одводната инфраструктура.

 

Како ги вклучувате одржливоста и еколошки прифатливите стратегии во вашите заложби за урбанистичко и просторно планирање?

 

Во Шкотска утврдивме кои беа клучните извори на емисии и ги разгледавме можностите во рамките на урбанистичкото и руралното планирање за постигнување нето нула емисии на стакленички гасови. На пример, нашиот план дава голема поддршка за користење обновлива енергија, но нашите политики се строго против развој што потекнува од прекумерна употреба на возила. Тоа е вградено во сите наши стратегии. Нашата политика за нови домови бара да се овозможат зајакнати локални услуги, да се даде поддршка за локалниот живот, но исто така, ние промовираме зелена инфраструктура за да се приспособиме кон последиците од климатските промени. Дополнително, ги штитиме клучните ресурси, како што се шумските и мочуришните предели, коишто го апсорбираат јаглеродот и овозможуваат бројни придобивки за биодиверзитетот.

 

Кој е најдобриот начин на вклучување на заедницата во процесите за носење одлуки на тема урбанистичко и просторно планирање?

 

Кога започнавме со изготвување на четвртата Национална рамка за планирање на Шкотска, имавме цел да ги вклучиме луѓето ширум земјата и внимателно да го ислушаме она што имаат да го кажат. Луѓето најдобро ги познаваат подрачјата каде што живеат, но не сите имаат исти ставови или потреби и поради тоа сакавме да опфатиме што е можно повеќе заедници и интереси. Сметавме дека треба да ги вклучиме луѓето на начин, место и време што им одговара ним, па тргнавме на едно патешествие со цел да ги вклучиме заедниците од урбаните, руралните, далечните и островските подрачја во Шкотска.

Користевме различни методи за да опфатиме голем дел од народот – од политичари и професионалци, па сè до обични луѓе. Целта нѝ беше да им објасниме какви резултати сакаме да постигнеме и со какви предизвици треба да се соочиме во рамките на нашата задача, меѓутоа тоа требаше да го сториме на едноставен начин и со помош на отворени прашања што ги мотивираат луѓето искрено да ги споделат своите ставови. Исто така, се служевме со партиципативно мапирање за да ги поттикнеме луѓето да замислат како би изгледала нивната земја во иднина.

 

Дали можете да нѝ дадете неколку примери за механизмите за учество на јавноста во процесите за просторно и урбанистичко планирање во вашата земја?

 

Има многу фази на учество на јавноста, но потребно е да почнете да разговарате со луѓето уште од самиот почеток. Еден од нашите пристапи што најмногу вроди со плод беше да ги прашаме луѓето што мислат за иднината на долг рок и да ги нацртаме нивните идеи на карта, наместо само да се служиме со зборови, бидејќи на овој начин нивните мислења оживуваат во просторот. Исто така, ангажиравме експерти да напишат креативни аналитички статии што ја прикажуваат Шкотска во 2050 година за да отвориме дебата за приоритетите на нашиот план. Остваривме тесна соработка со локалните власти и им дадовме финансиска поддршка на групите од заедниците за да ги поттикнеме самите да свикаат средби за размена на мислења и да ги вклучат во процесот за консултација. Исто така, имавме многу корисни дискусии на тркалезни маси со секторите за развој и лоби групите, како и со експертите за планирање.

Кога баравме од луѓето да се вклучат и да ги споделат нивните замисли и стремежи, сфативме дека за нив е важно да видат дали нивните мислења ќе бидат земени предвид и ќе се вметнат при изготвувањето на нашата стратегија. Изготвивме и објавивме детално образложение каде што наведовме сè што нѝ кажаа луѓето и како ги искористивме нивните гледишта, а воедно и објаснивме на кој начин нивните ставови и идеи беа (или во одредени случаи не беа) вметнати во конечната верзија на нашата стратегија. Во рамките на сите јавни консултации на Владата на Шкотска се служевме со пристап на „речено-сторено“ и објавивме резиме од начините на кои мислењето на народот влијаеше врз нашите консултации.

 

Што би ги посоветувале носителите на политики во градовите во нашата земја што се соочуваат со слични предизвици на тема урбанистичко планирање?

 

Тоа е тешко прашање, затоа што решенијата што се нудат треба да се приспособат на конкретната ситуација. Кога станува збор за процесот на изготвување планови, почнете така што ќе ги ислушате луѓето и ќе го евидентирате она што ви го кажуваат. На тој начин, интервенциите, инфраструктурата и развојот ќе се приоритизираат и ќе се насочат онаму каде што се најпотребни. Просторните планови знаат да бидат многу сложени и технички, затоа ви предлагаме да ги приспособите за обичниот народ и засегнатите страни и да ги напишете на едноставен начин.

 

Како урбанистичкото и просторното планирање можат да го приоритизираат она што е од најголем интерес за заедничката добросостојба на луѓето и да овозможат инклузивен и одржлив развој на заедниците?

 

Ние донесовме одлука да одговориме на глобалната вонредна состојба со климатските промени и еколошката криза, што си носеше своја тежина, но исто така, нашата економија и заедниците се здобија со нови можности. Воедно, гледавме на нашиот план како средство за остварување на нашите национални резултати и приоритети, како на пример, градење економија на добросостојба, надминување на нерамноправноста и подобрување на јавните услуги. За да ги оствариме овие цели, требаше да соработуваме со разни луѓе, да нѝ бидат јасни резултатите што сакаме да ги постигнеме и начинот на којшто ќе го направиме тоа. Знаевме дека не сите ќе се сложат со нашиот пристап, меѓутоа Владата има задача да постигне подобри резултати за идните генерации така што ќе ги поддржи клучните начела од планот. Во крајна линија, ќе нѝ биде потребна соработка со голем број засегнати страни за да можеме да ги оствариме промените.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK